БЕЛГРАД (АА) - Судењето на осумтемина поранешни припадници на Специјалната бригада на Министерството за внатрешни работи на Република Српска за убиството на повеќе стотици Бошњаци во јули 1995 година во селото Кравица покрај Сребреница, се одржува денес во Белград, со сослушување на сведокот за одбрана, Бошко Будимир, јавува Anadolu Agency (AA).
За военото злосторство против цивилното население во соучесништво обвинети се Недељко Милидраговиќ, Алекса Гољанин, Миливоје Батиница, Драгомир Паровиќ, Александар Дачевиќ, Боро Милетиќ, Јован Петровиќ и Видослав Васиќ.
Според обвининието, тие, со непознати припадници на Специјалната бригада на Република Српска, во халите на Земјоделската задруга и околу нив, во селото Кравица во јули 1995 година, учествувале во убиството на повеќе стотици Бошњаци.
Денешниот сведок за одбраната, Бошко Будимир, кој е вработен како возач во меѓународниот транспорт, во судот раскажа дека во јули бил принудно однесен на обука во Јахорина со братот Вељко Будимир и дека таму правеле ремонт на возила. Тој наведе дека на 10 јули со автобуси, сите припадници на првата чета, на која и тој припаѓал, биле однесени во училиште во Бјеловац, кај Сребреница, а оттаму до мостот кај Поточари, рано изутрина, додека имало магла.
Тој изјави дека кога маглата се повлекла, добил наредба тој и неговиот брат да го обезбедат УНПРОФОР, додека остатокот од четата одел кон Сребреница. Будимир додаде дека во предвечерјето дошол обвинетиот Недељко Милидраговиќ со наредба еден транспортер да биде преместен, како што и сториле, а потоа кај Милидраговиќ тој и неговиот брат преспале.
Според неговото сведочење, на 12 јули се вратиле во Бјеловац, а потоа тој и брат му добиле наредба да го прегледаат и другиот транспортер и по ремонтот да го транспортираат до Јање, што со Милидраговиќ и неговиот кум го сториле на 14 јули. Потоа тој и брат му пак преспале кај Милидраговиќ, а наредниот ден се вратиле на Јахорина, каде што останале уште 15 дена.
На тоа Милидраговиќ „му сугерирал на судот" зошто тој издавал наредба за транспортерите, наведувајќи дека тој бил „експерт за сите борбени возила".
На прашањето на судот, Будимир изјави дека за злосторството во Кравица слушнал дури кога дошол дома, а дека додека бил таму слушнал за штала „во која биле заробени муслиманите", но дека не знае повеќе детали за тоа.
На денешниот главен претрес извадени се и пишани докази, меѓу кои е и списокот на гробниците и нивните позиции на географската карта, на што адвокатите на обвинетите имаа забелешки, истакнувајќи дека тоа не се гробници на муслиманите, ниту луѓе кои настрадале во тој период.
За пишаните докази се изјасни и обвинетиот Милидраговиќ, кој изјави дека не верува ништо на правосудните органи на Босна и Херцеговина (БиХ)
Нура Беговиќ од здружението „Жени на Сребреница“, чиј 39-годишен брат Адил Суљиќ бил убиен, оцени дека констатацијата на Милидраговиќ е срамна.
„Не можам да разберам еден злосторник да може да го негира злосторството и да каже дека тие се измислени гробници. Ова е срамно, нека му е срам. Нека ја погледне вистината во очи, нека каже дали тој се плаши од иднината, нека биде во нашата кожа. Не сакаме никаква одмазда, не сакаме повеќе никакво убивање, ние само сакаме правда. Денеска сум тука за да ги видам убијците, убијците на мојот брат и на многумина како мојот брат“, изјави таа за новинарите во Белград.
Таа оцени и дека е срамно што тој се претставува како некој експерт.
„Јас мислам дека овој суд ќе има правда за семејствата. Ние ја докажавме вистината. Сметам дека овој суд ќе донесе правична одлука, ќе ги казни сторителите и да не се случи повеќе никаква војна“, додаде Беговиќ.
Када Хотиќ, потпретседателката на здружението „Движење на мајките на енклавата Сребреница и Жепа“, изјави дека, иако присуствувала на голем број судења и во Сараево и во Хаг, овој суд во Белград за неа е загатка и дека не е сигурна дали таму сериозно се суди или тоа е само „заради редот“.
„Денешниот сведок за одбраната нормално дека лаже, изведува, ескивира, бега. Не се сеќава на ништо, сето тоа го разбирам. Но да ги покажуваат гробниците и дека има разлика што некој е убиен во 1992 или 195 година, сето тоа е иста војска, само можеби се менувале луѓето“, изјави таа.
Според нејзината проценка, судот е несериозен, поважно би било за Србија и српскиот народ да се прифати вистината и злосторниците да се осудат.
Продолжувањето на судењето е закажано за 16 и 20 мај, кога ќе бидат испрашани сведоците за одбраната, меѓу кои и братот на денешниот сведок, Вељко Будимир, кој досега не одговори на повикот на судот, поради што е казнет парично, како и поранешниот министер за внатрешни работи на Република Српска, генералот Томислав Ковач.