Sevgi Ceren Gökkoyun
11 Мај 2025•Ажурирај: 12 Мај 2025
ЊУЈОРК (АА) - Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека трговските разговори со Кина во Швајцарија поминале многу добро и дека е постигнат голем напредок, известува Анадолу.
Претседателот Трамп на својот профил на платформата Truth Social сподели објава на оваа тема.
Истакнувајќи дека во Швајцарија се одржал многу добар состанок со Кина, Трамп во објавата наведе:
„Дискутирани беа многу работи, има согласувања за многу прашања. На пријателски, но конструктивен начин, договорен е процес на целосно рестартирање“.
Трамп нагласи дека сакаат да ја видат Кина отворена за американскиот бизнис на начин што „ќе им биде од корист и на Кина и на САД“ и додаде „Постигнат е голем напредок“.
- САД и Кина се судрија околу царините
Трамп на 2 април најави дополнителни царини за трговските партнери, вклучувајќи ја и Кина.
Како резултат на пресметката околу царините меѓу двете земји што започна кога Кина реши да одговори на дополнителните царини воведени од страна САД, Трамп ги зголеми царините кон Кина на 145 %, а Кина воведе царини од 125 проценти кон САД.
Иако администрацијата на Вашингтон ги одложи дополнителните тарифи за други земји за 90 дена, тарифите за Кина веќе стапија на сила.
По ескалацијата на трговските тензии, американските и кинеските официјални лица се согласија да се сретнат во Швајцарија овој викенд за да преговараат за царините.
Американската страна во преговорите ја претставуваат секретарот за финансии Скот Бесент и трговскиот претставник Џејмисон Грир, додека кинеската страна ја претставува вицепремиерот за економски прашања Хи Лифинг.