Ivana Ramadanova
18 Октомври 2016•Ажурирај: 19 Октомври 2016
СКОПЈЕ (АА) - Денеска во Скoпје се одржа конференција за мерки за енергетска ефикасност и пристап до финансии за хотелиерството, на која што сопствениците и менаџерите на хотели во Македонија имаа можност да се запознаат со мерките за зголемување на енергетската ефикасност и со финансиските инструменти за имплементација на мерки за намалување на потрошувачката на енергија, јавува Anadolu Agency (AA).
Од амбасадата на Швајцарија истакнаа дека го препознаваат потенцијалот и економските можности на туризмот во Македонија и го поддржуваат развојот на овој сектор преку Програмата за зголемување на пазарната вработливост.
„Нашата поддршка за развој на туризмот во Македонија, покрај развојот на вештините на туристичките работници на што работиме заедно со Министерството за економија и швајцарската Академија за хотелски менаџмент од Луцерн, е и во насока на промоција и подобрување на енергетската ефикасност во хотелите за да се подобри и нивната атрактивност за меѓународните туристи“, изјави Сибил Сутер Техада, амбасадор на Швајцарија во Македонија.
Министерот за економија, Дритон Кучи истакна дека енергетската ефикасност е една од стратешките определби за Владата, поради што беше донесена и Стратегија за енергетска ефикасност.
„Според досега направените анализи и врз основа на статистичките податоци, потрошувачката на енергија во резиденцијалниот дел изнесува околу 29 проценти од вкупната финална потрошувачка на енергија, додека на комерцијалниот сектор тоа учество е околу 13 проценти. Што значи потрошувачката на енергија во зградите каде спаѓаат и големите угостителски објекти и хотелските комплекси изнесува повеќе од 40 проценти од вкупната финална потрошувачка на енергија. Овој податок укажува дека потенцијалот за енергетски заштеди во овие два сектори е значителен. Во исто време, заедно со Швајцарската амбасада организираме интензивни обуки со Академијата за хотелски менаџмент за Мастер – обучувачи од Македонија, кои ќе се обучуваат во три области во хотелиерството. По завршување на обуките ќе добијат Сертификати од Академијата. Сите овие активности се во насока на развој на секторот туризам во Македонија“, потенцираше Кучи.
Конференцијата за енергетска ефикасност е во организација на Министерството за економија, Програмата за зголемување на пазарната вработливост (Increasing Market Employability) и компанијата Делта проект.