Senada Ibraimova
17 Октомври 2016•Ажурирај: 18 Октомври 2016
СКОПЈЕ (АА) – Денес во Скопје се одржа презентација за декларацијата на учесниците на меѓународнaта конференција „Новинарите и креаторите на политики ја подобруваат зелената економија“, јавува Anadolu Agency (AA).
На претставувањето на оваа декларација учествуваа претставници од зелените политички партии од Македонија, Бугарија и од Србија, кои беа учесници на тридневната конференција што се одржа минативе денови во Скопје, а чијшто фокус беше зелената, или циркуларна економија.
Претставничката од Македонија, портпаролката на Зелената партија ДОМ, Маја Морачанин, го објасни овој процес на циркуларна економија како нов аспект кој, како што рече, е практично еден чекор понатаму во еволутивниот развој на зелената економија:
„Со користење на минимални природни ресурси од природата се изведуваат економските процеси и на крајот повторно со многу минимален негативен, по можност апсолутно без никаков негативен ефект во природата, се затвора процесот, што значи сѐ останува внатре во кругот“.
Според Морачанин, друг многу важен аспект е социјалниот аспект. Потенцирајќи дека оваа економија е наменета од луѓето и за луѓето, Морачанин рече: „Социјалната правда е многу важен момент, регионалниот развој и особено развојот на локално ниво и вклученоста на сите партиципанти во процесот на економијата“.
Еден од учесниците на овој настан од новинарската фела, главниот уредник на мрежата „Блу линк екшн“ од Бугарија, Павел Антонов, во својата изјава рече: „Веста за денес е дека ја имаме потпишано оваа декларација од страна на зелени политичари и активисти, кои се овде од Македонија, Србија и од Бугарија. Но, ја отвораме и кон владите и кон другите политички партии и граѓански организации. Ние би сакале сите да ни се придружат во заедничка акција, да ги адресираме прашањата и да ги разбереме и потенцираме проблемите на нефер дистрибуцијата на ресурсите. Декларацијата обезбедува некои јасни предлози и решенија, за кои мислиме дека нашите држави треба да ги имплементираат“.
Конференцијата којашто се одржа изминатите три дена во Скопје, е поддржана од Зелената европска фондација, која пак е финансирана од Европскиот парламент.
На конференцијата учествуваа претставници од Зелената партија ДОМ од Македонија, претставници од Бугарија – членови на Европската зелена партија, претставници од Зелената партија на Србија, како и граѓански организации и невладиниот сектор од трите држави. Конференцијата има за цел да ги обедини сите држави од цел свет околу темата на одржлива иднина преку зелената економија.