Ruslan Rehimov
17 Февруари 2022•Ажурирај: 18 Февруари 2022
БАКУ (АА) ‒ РУСЛАН РЕХИМОВ ‒
Заменик-министерот за енергетика на Азербејџан, Елнур Солтанов, истакна дека неговата земја има доволно резерви природен гас и дека можат да испраќаат повеќе природен гас во Европа.
Солтанов во разговор со Агенција Анадолија (АА) ја оцени енергетската криза во светот и поголемата побарувачка на природен гас во Европа од Азербејџан.
„За танго се потребни двајца. За разлика од нафтата, преработката на наоѓалиштата на природен гас не може да се стартува без претходно да се најде откупувач. Доколку има потреба од голем обем на зголемување на снабдувањето со гас, треба да се утврдат купувачи и да се потпишат договори“, рече Солтанов.
Наведувајќи дека е многу тешко да се балансира побарувачката и понудата без стратешки пристап во областа на нафтата и природниот гас, Солтанов истакна дека се потребни шест до седум години за да се започне со работа на наоѓалиште природен гас и дека се потребни значителни инвестиции за одржување на постојните наоѓалишта.
Заменик-министерот рече дека чекорите што треба да се преземат во оваа област бараат стратешки пресметки и додаде дека епидемијата на Ковид-19 ги промени пресметките и создаде неизвесност.
Посочувајќи дека во светот се преземени сериозни чекори во насока на зелена енергија, Солтанов нагласи дека иако природниот гас е најчистото фосилно гориво, има двоумење во користењето поради глобалното затоплување.
Според него, овие колебања создаваат потешкотии и за банките да даваат кредити и да прават одредени отстапки за стратешки проекти, затоа работата во оваа област станува поскапа.
Наведувајќи дека студеното време во Европа и тензиите меѓу Русија и Украина се едни од причините за енергетската криза во светот, Солтанов рече дека ваквата состојба повеќе се чувствува во Европа и дека има сериозно зголемување на цената на природниот гас.
Тој посочи дека на 8. Советнички одбор на Јужниот гасен коридор што се одржа во Баку на 4 февруари се разговарало за енергетската криза и дека до израз дошло колку Азербејџан би можел да придонесе во надминувањето на енергетската криза.
Рече дека Азербејџан, и покрај тоа што не е еден од најголемите добавувачи на Европа со 10 милијарди кубни метри, природниот гас го снабдуваат од нов извор и преку нова рута.
Тој, исто така, нагласи дека Азербејџан има доволно големо количество, имајќи ги предвид барањата на земји како што се Грција и Бугарија, каде што минува гасоводот.
Солтанов, истакнувајќи дека третата фаза од наоѓалиштето „Шахдениз“ може да се развие, наоѓалиштето „Абшерон“ има доволно резерви, а басените Шафак Асиман, Умит и Бабек се доволно големи наоѓалишта, рече:
„Азербејџан може да испрати повеќе природен гас во Европа. Но за танго се потребни двајца. За разлика од нафтата, преработката на наоѓалиштата на природен гас не може да се стартува без претходно да се најде откупувач. Доколку има потреба од голем обем на зголемување на снабдувањето со гас, треба да се утврдат купувачи и да се потпишат договори. Потенцијалот на Азербејџан е доволно висок. Во рамките на сериозен дијалог и споделување одговорност, можеме да ги задоволиме енергетските потреби на нашите европски партнери на повисоко ниво преку развивање на постоечките гасоводи.“