Mehmet Fatih Erdoğdu
10 Февруари 2020•Ажурирај: 11 Февруари 2020
ИСТАНБУЛ (АА) - Во рамки на Светскиот инвестициски форум на бизнис-ангели (World Business Angels Investment Forum-WBAF) во турскиот град Истанбул ќе се состанат бизнис-ангелите што управуваат со фондови во вредност од 500 милијарди долари, јавува Агенција Анадолија (АА).
АА е глобален комуникациски партнер на Светскиот инвестициски форум на бизнис-ангели (WBAF), што ќе се одржи на 17 и 18 февруари во Истанбул со учество на стотици бизнис-ангели, како и делегати од 92 земји.
Овогодинешниот Форум ќе се фокусира на тоа како може повеќе да се развие соработката меѓу приватниот и јавниот сектор.
Во рамки на Форумот ќе се одржат 24 главни сесии, на кои ќе се обратат 132 меѓународни говорници.
На вториот ден од Форумот, на кој ќе учествуваат стотици бизнис-ангели и главните актери на пазарите на капиталот, 100 стартапи од 42 земји во рамки на настанот за наоѓање глобални фондови ќе одржат презентации пред глобалните инвеститори.
Исто така, на овогодинешните сесии ќе учествува и Свати Мандела, внука на Нелсон Мандела, додека на сесиите ќе се обрати и проф. Индерџит Сингх, поранешен пратеник на Сингапур.
- Ќе се потпишат седум меѓународни договори
На овој форум се очекува да се потпишат седум меѓународни договори, а ќе се одржат и два состанока на инвеститори.
Министерот за трговија на Малезија, Датук Дарел Леикинг, и министерот за претприемништво на Албанија, Едуард Шалси, ќе одржат специјална презентација пред 260 специјални инвеститори поканети од 92 земји.
На овогодинешниот Форум со свои моќни делегации ќе учествуваат и Агенцијата за промоција на извозот на Унгарија (HEPA), Агенцијата за инвестиции на Шпанија (ICEX), Трговската комора на Бахреин (BCCI), UNIDO, Агенцијата за инвестиции на автономната покраина Андалузија, Банката за развој на Катар (QDB), Агенцијата за инвестиции на Русија, Насдак (Nasdaq), и Светската банка IFC.
Турција на овој форум ќе биде претставена од страна на претседателот на Комисијата за планирање и буџет во турскиот Парламент, Лутфи Елван, кој е поранешен вицепремиер на оваа земја, додека принцезата д-р Нисрин ел Хашемите, шеф на Кралската академија, ќе има свое обраќање на Форумот.
Исто така, свои обраќања на овој форум ќе имаат и 6. претседател на Маврициус, проф. Амина Гуриб-Факим; министерот за трговија на Малезија, Датук Дарел Леикинг; министерот за претприемништво на Албанија, Едуард Шалси; министерката за финансии на Мали, Сафија Боли; и заменик-министерката за надворешни работи на Мексико, Марта Делгадо Пералта, а на Форумот ќе учествуваат и поранешни политичари од Португалија и Тунис.
Покрај главните сесии, на Форумот ќе се одржи и „Nasdaq Talks“, во чии рамки ќе се обрати потпретседателот на Насдак, Карстен Боринг
Исто така, во овие рамки ќе се одржат и 6 посебни работилници за претприемачи и инвеститори.