Bekim Laci
28 Мај 2018•Ажурирај: 29 Мај 2018
СКОПЈЕ (АА) - Македонската банкарска асоцијација (МБА) денеска беше домаќин на 46-тиот состанок на членовите на Европската банкарска федерација (ЕБФ) кој се одржува во Скопје, каде што банкарите од земјите на Европската Унија (ЕУ), Западен Балкан и Турција ќе разговараат за кибербезбедноста и законите против перење пари, јавува Anadolu Agency (АА).
Состанокот на ЕБФ кореспондира со формирањето на МБА како независно тело, а земји од Западен Балкан претставени на оваа средба се Албанија, Србија, Босна и Херцеговина и Хрватска.
Извршниот директор на ЕБФ, Вим Мијс, во изјава за медиумите рече дека банкарскиот систем е една менлива категорија и затоа економската криза што ја зафати ЕУ пред некое време го наметна усвојувањето нови законски регулативи, кои веќе се на сила преку директивата за дигитално плаќање.
Во своето објаснување, Мијс рече дека луѓето повеќе сакаат да користат дигитални услуги, имено дигитално банкарство, кое им овозможува да вршат плаќања преку мобилни телефони. Според него, токму тоа било причина за усвојување на директивата за дигитално плаќање.
„Сите дигитални можности што ги нуди банкарството преку мобилните телефони носат различни ризици. Овие ризици се однесуваат на заштита на приватноста и во овој поглед во петокот стапи на сила Директивата за заштита на општи податоци (GDPR), со што се зголемува кибербезбедноста, па ние како Европска банкарска федерација тесно соработуваме со Европол за да ја осигуриме безбедноста на банкарството“, рече Мијс.
Тој додаде дека на денешниот состанок акцентот ќе биде ставен на Директивата за заштита на општи податоци (GDPR), бидејќи, како што рече „таа не се однесува само на заштита на банкарскиот систем, туку и на дигиталната економија во целина, затоа што сега можеме да ги пронајдеме нашите податоци на Фејсбук, Гугл итн., па затоа ќе мора да се оспособиме за да следиме каде се испраќаат нашите податоци“.
Европската банкарска федерација (ЕБФ) е банкарска федерација на ЕУ и претставува околу 4.500 банки.