Ata Ufuk Şeker
09 Декември 2021•Ажурирај: 10 Декември 2021
БРИСЕЛ (АА) - Урсула фон дер Лајен, претседателката на Европската комисија, наведе дека се загрижени поради брзото зголемување на цените на енергијата во последниот период и дека прекумерната странска зависност од природен гас е неодржлива, јавува Агенција Анадолија (АА).
Фон дер Лајен, на седницата на Генералното собрание на Европскиот економски и социјален комитет одржана во Брисел, се осврна на поскапувањето на енергијата.
Нагласувајќи дека земјите од ЕУ за природниот гас се зависни од странство, Фон дер Лајен рече: „Зголемувањето на цените на енергијата нѐ загрижува сите нас. Зголемувањето на цените на енергијата се должи на порастот на цените на природниот гас. Ова е неодржлива ситуација.“
Фон дер Лајен истакна дека Европа увезува 90 отсто од потребите за природен гас и дека „идната енергетска безбедност на Европа очигледно зависи од домашната и чистата енергија“.
Потсетувајќи дека за разлика од цените на фосилните горива кои се зголемени во последните години, додаде дека цените на обновливите извори не се зголемени.
Таа, меѓу другото, нагласи дека земјите од ЕУ можат да ги заштитат потрошувачите и бизнисите на краток рок од високите цени на енергијата со јавна поддршка, а со тоа да ја намалат висината на нивните сметки.
Фон дер Лајен истакна дека ЕУ, исто така, ги оценува стратегиите како што се воспоставување заеднички резерви на гас и снабдување со природен гас преку заеднички договори, и додаде дека единствениот начин да се излезе од зависност е инвестирање во обновливи извори на енергија.
Таа наведе дека 500 милијарди евра од долгорочниот буџет и програмата за закрепнување на ЕУ се резервирани за зелена трансформација, и дека со тие средства се планира да се забрзаат различните обновливи инвестиции како што се ветрот, соларниот и зелениот водород.
Цените на енергетските производи како природниот гас и електричната енергија рапидно растат во Европа, особено од есента.
Ваквата состојба ги вознемирува потрошувачите кои во зимските месеци се соочуваат со високи сметки.