Ekipa
03 Јуни 2022•Ажурирај: 04 Јуни 2022
БРИСЕЛ (АА) - Европската Унија (ЕУ) денеска официјално го усвои шестиот пакет санкции против Русија, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Со денешниот пакет ги зголемуваме ограничувањата на можностите на Кремљ да ја финансира војната преку воведување дополнителни економски санкции“, ја коментира одлуката на Европскиот совет шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел.
Пакетот санкции вклучува забрана за увоз на руска нафта, давајќи им на земјите членки на ЕУ рок од шест месеци за постепено да ја заменат суровата нафта и осум месеци да ги намалат другите рафинирани нафтени деривати.
Нафтата од нафтоводот е привремено изземена од ембаргото за нафта, како главна отстапка за Унгарија.
На Бугарија и на Хрватска, исто така, им се одобрени дополнителни отстапувања за увозот на нафта преку море и за вакуумски гасни масла.
Според пресметките на Европската комисија, санкциите ќе скратат 92 отсто од руската трговија со нафта во блокот до крајот на оваа година.
Одлуката го проширува списокот на стоки и технологија со двојна употреба што не е дозволено да се извезуваат во Русија поради тоа што би можеле да го поддржат воениот и одбранбениот сектор.
Пакетот санкции, исто така, ја исклучува најголемата руска банка „Сбербанк“ од меѓународниот платежен систем СВИФТ, како и Кредитната банка од Москва, Руската земјоделска банка и Белоруската банка за развој и обнова.
ЕУ, исто така, додаде три нови руски државни радиодифузери, „Росија РТР/РТР Планета“, „Росија 24“ и „ТВ Центар Интернационал“, на листата на медиуми забранети од ЕУ.
Според одлуката, овие медиуми претставуваат инструменти за „манипулирање со информациите и промовирање на дезинформации за инвазијата врз Украина, вклучително и вршење пропаганда, со цел да се дестабилизираат соседните земји на Русија и ЕУ и нејзините земји членки“.
Европската Унија, исто така, ги санкционира и „одговорните за злосторствата што се случија во Буча и Мариупол“, истакна Борел.
За лицата кои се дел од воената администрација и за други лица кои ја поддржуваат војната, водечки деловни луѓе и членови на нивните семејства, како и за претставници на Кремљ е воведена забрана за патување и замрзнување на имотот.
По еден месец застој во преговорите, лидерите на ЕУ постигнаа политички договор за шестиот пакет рестриктивни мерки на состанокот во понеделникот вечерта.
Новиот пакет доаѓа како надополнување на претходните санкции, кои, меѓу останатите, се насочени и кон рускиот претседател Владимир Путин и министерот за надворешни работи, Сергеј Лавров, како и кон забраната за извоз на луксузни стоки и увоз на јаглен и исклучување на руските и белоруските банки од користењето на системот СВИФТ.
ЕУ одвои 2 милијарди евра во воена помош за Украина и мобилизира над 4 милијарди евра макрофинансиска помош, хуманитарна помош и поддршка за земјите од ЕУ кои примаат бегалци од Украина од почетокот на војната на 24 февруари.
Блокот, исто така, треба да алоцира уште 9 милијарди евра кредит за Украина.