Övünç Kutlu
28 Јули 2022•Ажурирај: 29 Јули 2022
АНКАРА (АА) - Матичната компанија на Фејсбук, „Мета“, го забележа првиот пад на приходите во историјата на компанијата, според извештајот за финансиските резултати, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Приходите на компанијата „Мета“, која исто така ги поседува и Инстаграм и Ватсап, паднаа на 28,8 милијарди долари во период од април до јуни оваа година, што е пад од 1 отсто во однос на приходите од 29,1 милијарда долари истиот период минатата година.
Нето-приходот на компанијата „Мета“ падна 36 отсто, на 6,6 милијарди од 10,4 милијарди.
„Вложуваме повеќе енергија и се фокусираме на нашите основни приоритети на компанијата кои обезбедуваат краткорочни и долгорочни можности за „Мета“ и луѓето и компаниите кои ги користат нашите услуги“, изјави основачот и извршен директор Марк Закерберг.
Бројот на дневни и месечни активни корисници покажа благ пораст од 3 отсто на 1,97 милијарди за разлика од минатата година.
Компанијата соопшти дека очекува вкупните приходи во третиот квартал да паднат во опсег од 26 до 28,5 милијарди долари поради „континуираната слаба побарувачка за рекламирање“ во вториот квартал.