Göksel Yıldırım
23 Февруари 2023•Ажурирај: 25 Февруари 2023
АБУ ДАБИ (АА)
- Ѓоксел ЈИЛДИРИМ
Турската компанија за одбранбена индустрија ХАВЕЛСАН потпиша значајни договори за соработка со партнери во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), јавува Анадолу.
Меѓународниот саем за одбранбена индустрија се одржа во Абу Даби, главниот град на Обединетите Арапски Емирати. На саемот учествуваше и компанијата ХАВЕЛСАН која изложи голем број производи, меѓу кои и најмодерни дронови.
Компанијата потпиша Меморандум за разбирање со Меѓународната златна група (IGG) која работи во Обединетите Арапски Емирати, а кој предвидува соработка на различни полиња.
Директорот на ХАВЕЛСАН, Мехмет Акиф Начар, за Анадолу изјави дека на саемот учествувале голем број компании од целиот свет.
Тој истакна дека ХАВЕЛСАН годинава првпат почна да изложува сопствени производи во соработка со ИГГ, напоменувајќи дека во иднина планираат многу посилна соработка.
„Потпишавме протокол за соработка за нашите многубројни производи“, рече Начар, изразувајќи задоволство што ќе соработуваат во рамките на голем број проекти во областа на наменската индустрија.
На саемот во Абу Даби, повеќе од 50 компании од турската наменска индустрија ги претставија своите производи како што се беспилотни копнени и воздушни возила, оклопни возила, системи за оружје, електронски системи, муниција, симулатори и производи за логистичка поддршка.
На саемот беше претставен и турското офанзивно беспилотно летало „Бајрактар Акинџи“ (TIHA), произведено од компанијата „Бајкар“.