Abdula Berisha
01 Март 2023•Ажурирај: 02 Март 2023
СКОПЈЕ (АА) - Премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, со официјално обраќање го отвори вториот Скопски економски форум во Скопје, во организација на Економскиот форум Делфи и Грчката бизнис асоцијација, јавува Анадолу.
Пред својот говор, премиерот Ковачевски изрази сочувство за трагичната железничка несреќа која се случи вчера во Грција.
Тој на учесниците им посака успешен економски форум, истакнувајќи дека ова е еден од најголемите регионални собири.
Говорејќи за економската и енергетската криза предизвикана од руската агресија врз Украина, тој истакна дека Владата на Северна Македонија успеала да го ублажи ценовниот шок, притоа издвојувајќи 760 милиони евра, односно 5 проценти од бруто-домашниот производ (БДП) за справување со кризата.
„Горд сум што можам да ги пренесам заклучоците од неодамна одржаната Минхенска безбедносна конференција, каде Северна Македонија е препознаена како фактор на стабилноста на Балканот. Досега сум кажал, но пак ќе истакнам, веќе не е прашање дали Западен Балкан ќе стане дел од ЕУ, туку кога ќе стане дел од ЕУ“, рече Ковачевски.
Тој зборуваше и за напорите на Владата за диверзификација на изворите за снабдување со природен гас, како и за напорите за енергетската трансформација и енергетската независност.
„Со зголемувањето на сегашниот капацитет на гасоводот со Бугарија се овозможи диверзификација на нашите извори на снабдување, како и користење на сите извори што во моментов се присутни на пазарот на природен гас во регионот. Со овој договор се намалува зависноста од руски гас којашто ја имаше земјата во изминатите децении. Наша зацртана цел е целосно гасифицирање на државата и нејзино поврзување со соседите, на што ќе бидеме фокусирани во следниот период. Исто така, наш приоритет е и енергетската трансформација и енергетската независност, а нашата земја е регионален лидер во енергетската трансформација, со огромен потенцијал да стане зелен енергетски хаб“, додаде Ковачевски.
На вториот Економски форум во Скопје свои обраќања ќе имаат и европскиот комесар за соседска политика и проширување, Оливер Вархеји; премиерот на Косово, Албин Курти, премиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ, како и други високи претставници од политиката, економијата, бизнис секторот и технологијата од земјата и регионот.
За време на форумот се одржуваат серија панели, на кои ќе се зборува за руската агресија врз Украина, пристапувањето на Балканот во ЕУ, енергетската перспектива во регионот, инвестициите во инфраструктурата, како и за стратегиите за економски развој и дигиталната трансформација.