Emre Gürkan Abay
21 Октомври 2020•Ажурирај: 22 Октомври 2020
МОСКВА
Процесот на закрепнување во глобалната економија е крајно нестабилен поради Ковид-19. Глобалната економија може да се соочи со нови сериозни проблеми, истакна рускиот претседател Владимир Путин, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Путин на состанокот со претставниците на Унијата на руски индустријалци и претприемачи даде оценка за економијата на земјата.
Посочувајќи дека поради Ковид-19 глобалната економија минува низ тежок процес, Путин рече: „Процесот на закрепнување во глобалната економија се развива крајно нестабилно. Покрај тоа, глобалната економија може да се соочи со нови сериозни проблеми.“
Рускиот претседател нагласи дека новите случаи со Ковид-19 се зголемуваат и во Русија и во светот.
„Во некои земји, полицискиот час почна да се спроведува повторно. Многу е значајно да можеме да ги заштитиме работните места и приходите на граѓаните. Државата, деловниот свет, институциите и граѓаните треба да дејствуваат координирано во оваа борба“, рече Путин.
Руската економија во вториот квартал од оваа година се намали за 8,5 проценти поради епидемијата на вирусот и падот на глобалните цени на стоките.
Според проценката на Централната банка на Русија, економијата на земјата, која минатата година порасна за 1,3 проценти, се очекува оваа година да се намали помеѓу 4,5 и 5,5 проценти.