Yunus Girgin
11 Февруари 2021•Ажурирај: 14 Февруари 2021
АНКАРА
Турција во периодот јануари - ноември 2020 година забележа директни странски инвестиции во износ од 4,6 милијарди долари, покажуваат официјалните податоци на Министерството за трговија и Централната банка на Турција, јавува Агенција Анадолија (АА).
Според овие податоци, Европа зазеде прво место со речиси 3,3 милијарди долари директни странски инвестиции во Турција. Вложувањата на европските инвеститори во претходниот период изнесуваа 70,8 отсто вкупни странски инвестиции.
Според земјите, Италија е прва со 970 милиони долари инвестиции, следуваат САД со 769 милиони долари, Холандија со 491 милион долари, Велика Британија со 439 милиони долари, Луксембург со 428 милиони долари, Германија со 264 милиони долари, Ирска со 167 милиони долари, Хонгконг со 157 милиони долари, Франција со 144 милиони долари и Јапонија со 113 милиони долари директни инвестиции.
Странските инвеститори во периодот јануари - ноември 2020 година најмногу вложуваа во секторот за информации и комуникации. Вкупниот износ на странски инвестиции во тој сектор достигна речиси 1,3 милијарди долари.
Следуваат секторите за финансии и осигурување со 1,14 милијарди долари и производствениот сектор со 842 милиони долари.
Министерката за трговија на Република Турција, Рухсар Пекџан, во неделата изјави дека Турција пружа голем број одлични можности и поттикнувања за вложувања во иновации и технологија во „специјализираните слободни зони“.
„Моделот на специјализирани слободни зони, кои прво ги применивме во секторот на софтверот и информациски технологии (ИТ), планираме да го прошириме и на останатите сектори на напредна технологија со висока додадена вредност. Ги повикувам сите инвеститори да инвестираат во нашите специјализирани слободни зони“, изјави министерката Пекџан за АА.
Таа нагласи дека Турција се наоѓа на атрактивна позиција која нуди голем број можности за инвестирање во многу динамично економско опкружување.