Saadet Gökce
16 Јули 2026•Ажурирано: 16 Јули 2026
Јужна Кореја размислува за забрана за користење на платформите на социјалните мрежи за деца на возраст од 14 години и помлади, пренесува Анадолу.
Претседателот на Комисијата за медиуми и комуникации на Јужна Кореја, Ким Џонг-чеол, денес изјави дека надзорниот орган „во фази го разгледува планот за ограничување на децата под 14 години да креираат профили на платформите на социјалните медиуми и ограничување на изложеноста на дизајни и алгоритми што би можеле да поттикнат прекумерна употреба на такви платформи за тинејџери на возраст од 14 до 19 години“, јави новинската агенција Јонхап.
На брифингот во Претседателската палата, Чеонг Ва Дае, Ким рече дека прекумерната употреба на социјални мрежи кај тинејџерите е глобален проблем.
„Постојат околу седум поврзани законски акти предложени во Националното собрание“, додаде тој.
Сепак, претседателот повика на претпазливост, повикувајќи се на Законот за затворање од 2011 година, со кој на децата под 16 години им беше забрането да играат онлајн игри во период од полноќ до 6 часот наутро. Тој беше укинат во 2022 година по критиките дека ги крши индивидуалните права и ѝ штети на индустријата за игри.
Овие предлози доаѓаат во период кога неколку земји воведоа или планираат да воведат ограничувања за пристапот на тинејџерите до социјалните мрежи.
Владата на Велика Британија денес објави дека ќе воведе стандардни ноќни полициски часови и ќе ја ограничи зависноста од социјални мрежи за лица на возраст од 16 и 17 години.
Европската Унија (ЕУ) соопшти дека по летото ќе поднесе закон за ограничување на пристапот на децата до платформите за социјални мрежи.
На почетокот на оваа година Индонезија започна со спроведување ограничувања за профилите на социјалните мрежи за деца под 16 години.
Австралија е прва земја во светот што во декември 2025 година им забрани на децата под 16 години да имаат профили на социјалните мрежи.