Rabia İclal Turan
12 Април 2023•Ажурирај: 13 Април 2023
ВАШИНГТОН (АА) - Повеќе од половина од американските семејства се погодени од инцидент во кој било употребено оружје, додека секое петто лице рекло дека лично добивало закани со пиштол, јавува Анадолу.
Како што покажува неодамнешната анкета што ја спроведе „Kaiser Family Foundation“, околу 54 отсто од возрасните Американци изјавиле дека тие или некој од членовите на семејството доживеале инцидент поврзан со оружје.
Резултатите од анкетата покажаа дека 21 отсто од луѓето лично биле изложени на закана со пиштол, додека 19 отсто рекле дека член на семејството бил убиен со пиштол, што вклучува и самоубиство.
Околу 17 отсто од испитаниците рекле дека лично биле сведоци на пукање во некого, четири отсто изјавиле дека користеле пиштол во самоодбрана, а четири отсто дека биле ранети во пукање.
Анкетата покажа дека повредите и смрт предизвикани од оружје несразмерно ги погодуваат луѓето со темна боја на кожата во Соединетите Американски Држави (САД).
Триесет и еден отсто од возрасните црномурести лица лично биле сведоци на пукање во некого, додека тој број за возрасните Латиноамериканци изнесува 22 отсто.
Според резултатите од анкетата, четири од десет возрасни луѓе во САД живеат во домаќинство во кое има оружје.
Како што објави непрофитната истражувачка група „Gun Violence Archive“, во САД до 11 април 2023 година од насилство во кое е користено оружје загинале над 11.500 луѓе.
Во текот на оваа година во земјата имало 147 масовни престрелки во кои се убиени 72 деца.