Mustafa Deveci
19 Септември 2022•Ажурирај: 20 Септември 2022
ИЗЈУМ (АА)
- Мустафа ДЕВЕЧИ
Украинската војска неодамна ја врати контролата во градот Изјум, а жителите на овој град, кој се наоѓа во подрачјето на Харков, се борат за опстанок во многу тешки услови, во опустошени куќи без струја, гас и вода, пишува Агенција Анадолија (АА).
Изјум беше меѓу првите градови кои беа на мета на рускиот напад во февруари и беше под контрола на руските сили неколку месеци, а украинската војска го ослободи со контранападот овој месец.
Тоа е и градот кој најмногу настрада од војната во Украина, особено делот кој се наоѓа на источниот брег на реката Северен Донец.

Многу жители на Изјум го напуштија градот на почетокот на рускиот напад, но значителен број локални жители останаа во своите домови, за потоа да ја напуштија областа, а има и такви кои не сакаа да ги напуштат своите домови.
Украинската војска се врати во градот, воспостави контрола и судирите завршија, но битката за опстанок продолжува за жителите на Изјум.
Сите продавници во Изјум се затворени. Локалните жители преживуваат благодарени на помошта што ја дистрибуираат хуманитарните организации и украинската војска. Освен пакети со храна, жителите добиваат и свеќи и ќебиња, бидејќи во градот нема струја и гас.

Во градот нема вода, па жителите носат вода од блискиот резервоар и бунар.
Во недостиг на струја и гас, жителите готват храна на огништа во нивните дворови.
Мобилните телефони се од големо значење за луѓето во Изјум за да останат во контакт со своите роднини кои го напуштиле градот, а мобилните телефони ги полнат на генератори што им ги дале украинските војници.
Жителката на Изјум Валентина (64) за АА изјави дека за време на бомбардирањето се криеле во подрумот на нивната зграда.
„Храната ја готвиме на огниште. Нема ни гас, ни струја, па готвиме на оган. Немаме вода дома. Навикнати сме на тоа, но многу е потешко да се навикнеме на лошото отколку на доброто“, вели Валентина.

Истакнувајќи дека украинските власти им ветиле дека наскоро ќе има струја и вода, Валентина рече дека се надева дека барем временските услови во текот на претстојната зима ќе бидат добри за жителите на Изјум.
Наталија Прешичанска, која сама носи вода од резервоарот за потребите на својата куќа, рече дека прво ја врие водата, па дури потоа ја користи.

„Условите се, секако, многу тешки бидејќи немаме огрев, немаме светлина... Ја готвиме храната на оган. Што друго да кажам, мојата стара мајка живее во село. Речиси е невозможно да се стигне до селото. Многу е тешко“, рече Прешичанска.