Islam Uddin
19 Септември 2022•Ажурирај: 20 Септември 2022
ИСЛАМАБАД (АА) - Привремената авганистанска влада и Соединетите Американски Држави (САД) разменија затвореници според договорот од Доха, објави официјален претставник, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Последниот авганистански затвореник во затворот Гвантанамо, Хаџи Башар Нурзаи, беше предаден на вршителот на должноста министер за надворешни работи, Амир Кан Мутаки, на аеродромот во Кабул“, изјави Хафиз Зија Ахмад, заменик-портпарол на Министерството за надворешни работи.
Нурзаи беше затворен во Гвантанамо повеќе од 17 години.
„За возврат, талибанците го предадоа американскиот државјанин Марк Фририхс на американските власти“, рече портпаролот.
Фририхс, инженер, беше киднапиран од талибанците во февруари 2020 година.
Мутаќи го поздрави ослободувањето на Нурзаи и рече дека сите прашања можат да се решат со дијалог.
„Ослободувањето на Хаџи Башар Нурзаи од Гвантанамо е ново поглавје во односите меѓу САД и Авганистан“, рече Мутаќи.
Тој додаде дека Американците ги ослободиле сите пет затвореници кои биле затворени во Гвантанамо, а последниот денеска пристигнал во Авганистан.
„Договорот од Доха и ослободувањето на овие затвореници докажаа дека можеме да продолжиме напред преку преговори и ова е нашата порака до САД - дека сите прашања може да се решат со дијалог“, рече тој.
Договорот од Доха беше потпишан од САД и талибанците на 29 февруари 2020 година во главниот град на Катар, Доха, за да се стави крај на војната во Авганистан.
Американските власти во јуни оваа година го ослободија и Асадулах Харун, талибански затвореник, од затворот Гвантанамо. Тој помина 15 години во затворот озлогласен по тешките кршења на човековите права.