İslam Doğru
27 Јули 2018•Ажурирај: 28 Јули 2018
АНКАРА (АА) - Поморскиот транспорт, нечистотијата и претераниот лов ја намалија „животната средина на дивиот свет“ во океаните за 13 отсто. Упатено е предупредување дека доколку се продолжи со ова темпо, постои можност тој простор за 50 години во потполност да се изгуби, јавува Anadolu Agency (AA).
Списанието „Current Biology“ објави труд во кој е исцртана карта на која се претставени простори кои не се уништени од страна на поморскиот транспорт и од човечкото влијание врз подводниот екосистем.
Благодарение на изработениот труд е откриено дека голем дел од „животната средина на дивиот свет“ во океаните, кој е најмалку изложен на влијанието на човекот, се подрачјата на Арктикот и Антарктикот и просторот околу пацифичките острови.
Кендл Џонс, лидер на истражувачката група од Универзитетот „Квинсленд“ изјави: „Технолошкиот напредок во поморството и климатските промени кои овозможија пристап до подрачјата покриени со мраз, го доведоа во ситуација на загрозеност и дивиот живот во најоддалечените подрачја“.
Во трудот се вели дека во моментов се заштитени само 5 отсто од природните животни средини и се истакнува дека е потребна широка и опсежна меѓународна соработка со цел да се воспостави ред во океаните, и да се спречи прекумерниот лов и рударство во океаните.
Џејмс Ватсон од Здружението за заштита на дивиот свет истакна дека дивите животни средини во океаните со својата висока генетска разновидност даваат неверојатен отпор на климатските промени. „Овие простори катастрофално се намалуваат. Доколку за овие површини не се воспостават мултилатерални договори за животна средина, тогаш за 50 години тие најверојатно ќе бидат уништени“, рече Ватсон.
Обединетите нации минатата година започнаа преговори за првиот договор за законско обврзување за заштита при користењето на водите на отворено море, надвор од националните води, кој го регулира одржливото користење и на океаните.