Adem Şalvarcıoğlu
08 Септември 2016•Ажурирај: 08 Септември 2016
ЏАКАРТА (АА) – Вирусот зика, кој започна да се појавува во Јужна Америка, во последниов период почна да се шири и во Југоисточна Азија, јавува Anadolu Agency (AA).
Според веста на медиумскиот канал „Шанел-њуз-Азија“ (Channelnewsasia), во Сингапур, каде што епидемијата е најзастапена, во последниот месец заразени се 282 лица.
Во Сингапур, каде што вирусот најмногу се шири и е прогласен „црвен аларм“, надлежните продолжуваат со активности за контролирање на епидемијата.
Случаи на заразени од вирусот зика се забележуваат и во други региони како што се Малезија, Индонезија и Филипините.
Министерот за здравство на Малезија, С. Субраманиам, потврдувајќи го присуството на вирусот, рече дека тој е забележан кај една 27-годишна бремена жена, која живее во Џохор Бахру на границата со Сингапур.
„Вистина е дека вирусот зика е закана веќе и за Малезија. Ќе ги преземеме неопходните мерки“, рече Субраманиам.
Минатата година вирусот беше забележан кај едно лице во градот Џамби во Индонезија. Надлежните беа потврдиле дека од вирусот е заразено уште едно лице.
Според Светската здравствена организација, од 2015 година досега, вирусот е забележан во 70 држави. Светската организација е загрижена поради пребрзото ширење на вирусот во државите на југоистокот на Азија, каде што здравствениот систем е многу слаб (незадоволителен).
Вирусот зика, кој за првпат беше забележан кај мајмуните во шумите на Уганда, во 1947, по долг период повторно се појави во Бразил, во мај 2015.
Во случај бремени жени да се заразат со овој вирус, кај бебињата тој може да предизвика микроцефалија со невролошки нарушувања.
Вирусот, кој освен преку убод од комарец, може да се пренесе и преку крв и полови односи, кај заразените предизвикува симптоми како што се висока температура, црвенило во очите, повраќање, главоболка, како и болки во коските и во мускулите.
Сѐ уште не е откриена вакцина како превенција против овој вирус.