Alma Çekovic
04 Август 2016•Ажурирај: 06 Август 2016
ВАШИНГТОН (АА) - Најмалку 33 припадници на американските вооружени сили, меѓу кои и бремена жена се заразeни со зика вирусот кој се пренесува преку комарци, соопштија од Пентагон, пренесува Anadolu Agency (AA).
Пентагон соопшти дека има блиска соработка со федералните, државните и со локалните власти во надгледувањето на опасноста од вирусот зика на воениот и цивилниот персонал и нивните семејства.
„Веќе неколку месеци преземаме проактивни чекори со цел да ја намалиме заканата од зика вирусот и од останатите болести преносливи преку комарец во континенталниот дел на САД и странство”, соопштено е од Пентагон.
Американските медиуми јавуваат дека припадниците на вооружените сили на САД веројатно се заразиле надвор од континенталниот дел на земјата.
Портпаролот на Јужната команда на американската војска, Хозе Руиз изјави дека десет војници се заразени во Бразил, Колумбија, Доминиканската Република, на Јамаика и Мартиник.
Исто така, наведено е дека шест члена на семејството на еден војник се заразени со овој вирус.
Во текот на неделата на Флорида се забележани најмалку 15 локални случаи на зика вирусот. Локалните официјални лица истакнаа дека сите заразени се заразиле со вирусот од локални комарци.
Зика вирусот од средината на минатата година се прошири по земјите на Латинска Америка, во тропскиот и суптропскиот појас на Земјата. Опасниот зика вирус го пренесуваат комарците од родот Аедес, кои во главно можат да се најдат во тропските подрачја.
Со приспособувањето на овие комарци на температурните разлики постои закана неговата популација да се прошири каде било во светот. Досега најмногу заболени се потврдени во Бразил, каде што се родени и најмногу бебиња со микроцефалија.