Ekipa
06 Февруари 2022•Ажурирај: 06 Февруари 2022
МАРОКО (АА) - Петгодишното дете Рајан од Мароко, кое пред пет дена падна во бунар длабок 32 метри, е извлечено, но ја загуби битката за животот откако беше префрлено во болница, јавува Агенција Анадолија (АА).
По пет дена заврши акцијата за спасување на мароканското дете кое падна во бунар длабок 32 метри во градот Шефшаун, Мароко.
Потврдено е дека детето е извлечено од бунарот, по што итно е пренесено во болница. За жал, мароканските власти кратко по неговото извлекување од бунарот соопштија дека петгодишното дете починало.
Рајан во вторникот вечерта паднал во бунарот пред неговата куќа во селото Игран во северната мароканска покраина Шефшаун. Тој пет дена беше заглавен во дупката претесна за спасувачите безбедно да стигнат до него. Поради тоа започнаа работите за хоризонтално ископување.
Во спасувањето учествуваа голем број припадници на спасувачките служби, а целиот процес го следеа медиумите од сите делови на светот.
Кралот на Мароко, Мухамед VI, изрази сочувство до семејството на детето.