Halil Şahin
09 Февруари 2016•Ажурирај: 09 Февруари 2016
ИЗМИР/БАЛИКЕСИР (АА) - Спасувачките екипи на турската крајбрежна стража објавија снимка од акцијата за спасување на мигрант во текот на вчерашниот бродолом на бротче во заливот Ердемит во Егејското Море, а на снимката се гледа спасување на еден мигрант кој се држи на предниот дел на бродот кој во тие моменти со мал дел беше сè уште над вода, јавува Anadolu Agency (AA).
Бротче со околу 40 мигранти вчера потона во водите на Егејското Море при обидот од Турција да стигне на соседните грчки острови. Спасувачките екипи спасија четворица мигранти а од водите извлекоа 27 тела, меѓу кои и телата на 11 деца.
По доаѓањето на спасувачките тимови забележано е едно момче како се придржува за „носот” на бротчето кое тоне и мафта барајќи помош. Еден од спасувачите се спуштил на јаже од хеликоптерот и му дошол на помош, а драматичното спасување на Сириецот Пелен Хусеини, го забележа камерата на шлемот на спасувачот.
„Да задоцнивме неколку минути, бротчето ќе потонеше, а Хусеини веќе беше при крајот на своите сили и се тресеше од студ. Имаше среќа да се држи за ,носот' на бротчето кој во моментот на нашето доаѓање беше над вода, а потона неколку минути подоцна”, рече спасувачот.
Спасувачките екипи и денес се на местото на настанот, во потрага по можни исчезнати. Според изјавите на преживеаните мигранти, покрај 27 загинати и четири спасени лица, од бротчето недостасуваат уште девет лица.