Halil İbrahim Sincar
22 Јануари 2023•Ажурирај: 24 Јануари 2023
МАРДИН (АА) - Група млади луѓе во Мардин, југоисточна Туркије, подаруваа рози на луѓето кои ги затекнаа во црквите во знак на соживотот, откако вчера во Шведска беше извршен чин на палење на примерок од светата книга Куран, јавува Агенција Анадолија (АА).
Младите во овој турски град решија на овој начин да го покажат значењето на соживотот и дијалогот со другите.
Ибрахим Халил Јетим, еден од младите кои учествуваа во овој гест, рече дека одлучиле на овој начин да реагираат на чинот на палење примерок на Куранот во Шведска.
Истакна дека размислувале како да реагираат, и во согласност со советите и упатствата на божјиот пратеник Мухамед, ги посетија црквите и им подаруваа рози на луѓето што ги затекнаа таму.
Расмус Палудан, лидерот на екстремно десничарската данска партија Цврст курс (Страм Курс), вчера запали примерок од Куранот пред турската Амбасада во Стокхолм. Палудан беше опкружен со голем број припадници на полицијата додека го изведуваше чинот на палење во близина на турската Амбасада.
Во соопштението на полициската управа на Стокхолм се наведува дека на Палудан му било дозволено да го одржи протестот.