Alma Çekovic
06 Јануари 2016•Ажурирај: 07 Јануари 2016
СТОКХОЛМ (АА) - Бројот на баратели на азил во Шведска значително опадна откако земјата ја зајакна контролата на својата граница со Данска, пренесува Anadolu Agency (AA).
Полицијата во јужниот шведски регион Скане соопшти дека во понеделникот се регистрирани само 48 бегалци кои од Данска влегоа во Шведска. Тоа е значителен пад имајќи во предвид дека од 29-ти декември на територијата на Шведска влегувале и до 200 лица дневно.
"Може да се каже дека тоа е значителен пад. Но тоа е само еден ден, а не можеме да ја исклучиме можноста дека бегалците ќе пронајдат други начини за влез во Шведска", рече портпаролката на полицијата Ева-Ган Вестфорд, пренесуваат шведските медиуми.
Шведските власти одлучија да ги заострат мерките на премин на границата откако 160.000 лица предале барање за азил во таа земја минатата година, што е најголем број барања за азил во Европа ако се изземе Германија.
Во обид да се сопре приливот, шведските власти од понеделникот воведоа мерки на контрола на патните исправи при влегувањето од правец на Данска, главната влезна точка на бегалците кои тежнеат кон нов живот во Шведска.
Шведската крајбрежна стража соопшти дека се подготвени за можноста мигрантите да доаѓаат и преку мореузот Оресунд, кој ги дели двете скандинавски земји.
Според податоците на меѓународната организација за бегалци над еден милион мигранти/бегалци дошле во Европа минатата година, од кои најголем дел се бегалци од со војна зафатените блискоисточни земји.