Ekipa
22 Март 2018•Ажурирај: 24 Март 2018
ДЕРА/АНКАРА (АА) - МУХАМЕД МИСТО/АДАМ КАКО - Скулпторот Ибрахим Eбу Зejд од јужното сириско подрачје Дера, претвори голем камен во вистинско уметничко дело и на вистински начин испрати порака за мир.
Eбу Зejд во разговор за Anadolu Agency (AA) истакна дека не престанaл да работи, дури ни за време на војната, и дека веќе 11 години работи на делкање на познати историски артефакти на 117 тони тежок камен.
Областа Дера е под контрола на сириската опозиција, а речиси во потполност е уништена во воздушните и артилериските напади на силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад.

Нарекувајќи го делото со симболично име „Љубов и мир во светот“, скулпторот Eбу Зejд изјави дека со кран го донел каменот во дворот покрај неговата куќа и прво на него ја изделкал макетата на Ќаба.
На каменот се изделкани и макети на голем број историски артефакти кои припаѓале на старите цивилизации од подрачјето на Кина, Вавилон, Египет, Јемен и Иран, а Eбу Зejд изјави дека посветено работи на каменот да не остане ниту еден празен дел.
„Со скулпторство се занимавам уште од раното детство. Во основно училиште го засакав каменот и започнав со резбање, а подоцна таа љубов прерасна во професија“, изјави Eбу Зejд, кој за својот камен вели дека е најголема книга на историјата во светот.
Eбу Зejд изјави дека во екот на најжестоките напади на режимските сили на Асад морал привремено да побегне од градот, но дека повторно се вратил и продолжил да работи на каменот, кој, исто така е оштетен од шрапнели.
„Животот оди понатаму, без оглед на сè. Продолжив да работам и на празните делови на каменот имам намера да изделкам некои дела од грчката и од римската цивилизација“, изјави Ебу Зејд.