Mehmet Burak Karacaoğlu, Ahmet Karaahmet
28 Септември 2021•Ажурирај: 29 Септември 2021
ИДЛИБ (АА) - МЕХМЕТ БУРАК КАРАЏАОГЛУ/АХМЕТ КАРААХМЕТ -
Откако во воздушните напади на руските авиони го загубила сопругот и двете ќерки, Сиријката Вааф ел Тамир во Идлиб отвори училиште во кое се грижи за деца без родители и за деца со посебни потреби, јавува Агенција Анадолија (АА).
Тамир по професија е адвокатка, а загубата на нејзиното семејство ја натерало во местото Ихсим да отвори сиропиталиште кое стана засолниште за сириските мали деца во услови на граѓанската војна и немаштија.
Во нејзината градинка, првите букви и знаења им се предаваат бесплатно на сирачињата, децата со посебни потреби и децата од раселените семејства.
Тамир остана без сопруг по воздушниот напад во декември 2015 година, а потоа две од нејзините шест деца беа убиени во слични напади.
„Мојот сопруг и јас живеевме добро и формиравме стабилно семејство. Мојот сопруг исто така беше мојот најдобар пријател и децата беа многу поврзани за него. Руските авиони повторно ја бомбардираа нашата куќа и убија две мои девојчиња. Шам беше ученичка во гимназија и загина додека пишуваше домашна задача. Таа бомба сè уште ми одекнува во главата“, рече Тамир.

Таа се присети на тој воздушен напад и не можеше да ги задржи емоциите и солзите.
„Седевме во станот, одеднаш почувствувавме како се тресе зградата и децата почнаа да викаат 'спаси ме мамо'. Тригодишниот Ахмед беше заробен под урнатините, исто како и јас. Не можев да дишам, но успеав да излезам од под тој ѕид. Му пријдов на Ахмед и потоа почнав да ги барам девојките Шам и Рама. Врескав, но немаше никој да ме слушне“, рече Тамир.
Поради смртта на нејзиниот сопруг, Тамир веќе била во лоша здравствена состојба, но со натчовечки напори успеала да ги извлече од урнатините ќерката Рама и синот Висам.
Под урнатините ми останаа уште три деца, ги барав, а тогаш ќерка ми ми рече дека ги нашла нозете на сестра ѝ. Плачев, дури и не знаев дека ќерка ми паднала од шестиот кат. Половина час подоцна, пристигна Цивилната заштита. Набргу потоа ми пријде еден спасувач и ми даде проѕирно ќесе со предметите на моите две девојчиња. Знаев што значи тоа бидејќи истото се случи и кога го загубив сопругот“, раскажува Тамир.
Таа понатаму рече дека по големата семејна трагедија одлучила да застане на нозе и да се бори за децата што останале со неа.

„Затоа отворив училиште во кои бесплатно учат сите деца чии родители настрадале или се заробени. Отворив и одделение за деца со посебни потреби“, рече Тамир, чиј син Висам е исто така дете со посебни потреби.
Тамир е тажна што претставниците на локалната заедница никогаш не ѝ ја отвориле вратата и не понудиле помош, а таа ги покани хуманитарните организации и добротворци да се придружат и да ѝ помогнат во грижата за децата во Идлиб.
„Не можев ни да ја задоволам нивната желба за лулање или лизгање. Овие деца се исто така среќни кога ќе добијат еден обичен балон. Ги покануваме добротворците да донираат играчки и да им помогнат на овие деца да ги заборават трагедиите што ги преживеаја“, рече Тамир.