Турчинка од Јозгат својот дом го претвори во музеј на антиквитети
- „Ниедно парче не е купено од исто место. Секое од нив носи сеќавање. Јас едноставно сакам да живеам опкружена со тие спомени...“
Sait Çelik, Mehmet Doğan
21 Мај 2026•Ажурирај: 21 Мај 2026
photo: Mehmet Doğan / AA
ЈОЗГАТ
Во околината на Чаиралан, во турската област Јозгат, 62-годишната Назли Ертекин, во својот дом и двор, со многу љубов ги чува и изложува старите предмети што со години ги собирала со сопругот, пишува Анадолу.
Назли, која во 1983 година се омажила за својата љубов Муамер Ертекин и денес е горда мајка на три деца и баба на девет внуци, уште од младоста имала посебна страст кон антиквитетите, па така започнала да собира предмети од својата околина, но и од други градови, од стари газиени ламби и фенери до најразлични предмети за домаќинство.
Фотографија : Mehmet Doğan/AA
Во 2015 година Ертекин со семејството заминала од Франција и се вратила во татковината, каде што со безрезервна поддршка од сопругот, кој починал минатата година, се грижела за овие предмети. Денес тие со гордост се изложени во собите, дворот, на ѕидовите на дворот и во летниковецот на нивната двокатна куќа во селото Дерекемал.
- „Предметите ги собиравме низ цела Турција“ -
Во разговорот со Анадолу, Назли Ертекин со голема радост раскажува дека овие антиквитети имаат бесценето значење за неа.
Споделувајќи дека со старите предмети практично својот дом го претворила во музеј, Ертекин вели: „Неизмерно ги сакам овие работи. На секој агол на мојата двокатна куќа има антиквитет. Ги има и во летниковецот, ги има и во дворот. Едноставно, уживам што се тука.“
Фотографија : Mehmet Doğan/AA
Ертекин раскажува дека на секое парче му посветува посебно внимание и грижливо го чисти: „Луѓето ме прашуваат како успеав да ги најдам овие антиквитети. Се грижам за нив како да ми се деца. Со сопругот овие предмети ги наоѓавме низ цела Турција.“
Секој предмет крие посебна приказна, вели Ертекин и додава: „Ниедно парче не е купено од исто место. Секое од нив носи сеќавање. Јас едноставно сакам да живеам опкружена со тие спомени. Еве, на пример, оваа ламба, овој фенер имаат речиси 100 години. Ги донесовме од различни места и сите до едно ми се бескрајно драги.“
Сите што ќе поминат остануваат зачудени и со голем интерес ја разгледуваат нејзината збирка, но Ертекин вели дека по смртта на сопругот привремено престанала да собира нови антиквитети.