Faisal Mahmud
26 Август 2026•Ажурирано: 26 Август 2026
Австралиската полиција започна истрага откако околу 400.000 млади остриги биле украдени од фарма за аквакултура на средишниот северен брег на сојузната држава Нов Јужен Велс, објавија локалните медиуми денес, пренесува Анадолу.
Според „Еј-би-си њуз“, од имотот на компанијата „Латитјуд 31 Ојстерс“ во Скотс Крик на островот Оксли биле украдени околу 320 вреќи за аквакултура во кои се наоѓале остригите.
Сопственикот на фармата, Рајан Фриман, ја открил кражбата во вторникот изутрина кога ги посетил фармите во реката Менинг, во близина на Олд Бар, за да ги подготви остригите за божиќната сезона.
„Забележавме дека недостасува нашата пловечка опрема и опремата за превртување на остригите“, изјави Фриман.
Полицијата ја проценила вредноста на украдените остриги на приближно 350.000 австралиски долари, додека Фриман изјавил дека вредноста на украдените остриги и опрема би можела да достигне и до 400.000 австралиски долари.
„Околу 80 отсто од украдените остриги биле наменети за продажба за време на божиќната сезона, кога компанијата вообичаено продава меѓу 35.000 и 40.000 дузини остриги“, додаде тој.
Фриман изјави дека крадците можеби ги имале за цел остригите бидејќи биле блиску до големината погодна за продажба и можеле да бидат пласирани на пазарот за време на празничната сезона.
Кражбата уништила околу една третина од залихите на фармата, при што не останало доволно време за набавка на нови остриги.
Полицијата ги повика сите што имаат релевантни информации или снимки од надзорни камери да се обратат до истражителите.