Mehmet Solmaz
25 Јануари 2023•Ажурирај: 26 Јануари 2023
СТОКХОЛМ (АА) - Расмус Палудан, лидерот на данската екстремно десничарска партија „Страм Курс“, успеа да предизвика вознемиреност со палење на Куранот во различни делови на Шведска, но во еден мал град, Содертаље, не успеа по интервенцијата на еден шведски Асирец, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во изјава за АА, шведско-асирскиот телевизиски новинар Дикран Его објасни како неговиот пријател Озџан Калдојо го спречил Палудан да го организира својот провокативен чин во градот со асирска заедница од околу 40.000 жители.
Потсетувајќи се на една од претходните демонстрации на Палудан, каде што тој запали примерок од Куранот, вклучително и оној во саботата пред Турската амбасада во Стокхолм, Его рече дека Содертаље е единственото место каде што екстремно десничарскиот екстремист не успеал да го реализира својот план. Градот има 73.000 жители, а мнозинството се Асирците.
„Се разбира, тие не му се заканија. Тие разговараа со него. Озџан му рече: ’Се фалите со толеранција и плурализам, почит кон луѓето, тврдите дека немате предрасуди кон религиите, но како ќе ни го докажете тоа? Ако сте навистина искрени во вашите зборови, не го палете Куранот денеска и ќе ја видиме вашата искреност.‘ Тој некако се укочи и рече: ’Во ред, нема да го запалам овде‘, и потоа го напушти местото“, рече Его.
Инцидентот, кој се случи во текот на летото, беше пренесуван во живо на социјалните мрежи. На видеото може да се види како Озџан долго разговара со Палудан пред тој да го напушти местото.
Градот Содертаље е познат по тоа што е дом на најголемата асирска заедница во Европа. На прашањето на АА, членовите на заедницата изјавија дека секогаш ја изразувале својата солидарност со муслиманите во земјата кога станувале цел на екстремисти.
Его рече дека разбира и верува дека Владата била искрена во осудите на постапките на Палудан. Тој истакна дека границата за законите за слобода на изразување е толку висока во земјата, што влијае и врз христијаните.
Во инцидент што се случи пред 15 години, Исус Христос беше претставен како хомосексуалец на уметничка изложба што се одржа во црква. Иако многумина беа вознемирени и организираа протести за да го осудат чинот, ништо не можеа да направат.
„Кога таквата слобода на изразување дозволува Исус Христос да биде прикажан како хомосексуална личност, ништо не може да се направи во врска со прашањето за палење примерок од Куранот, бидејќи законите се така креирани“, додаде Его.
Критичарите на шведската Влада велат дека таквите провокативни дела од омраза би можеле лесно да ги спречат властите доколку сакаат.
Пред нешто повеќе од една година, Палудан започна да го пали Куранот во Шведска за време на светиот муслимански месец Рамазан, што предизвика широки немири во земјата бидејќи многумина излегоа на улиците во знак на протест против одлуката на шведските власти да го дозволат чинот.
Шведската полиција во тоа време рече дека повеќе нема да дозволува палење на Куранот во земјата бидејќи општествените трошоци биле превисоки. Но, на Палудан минатиот викенд сепак му беше дозволено да го спроведе тоа пред Турската амбасада.