Ekipa
08 Ноември 2021•Ажурирај: 10 Ноември 2021
БРИСЕЛ (АА) - Денес во Белгија стапија на сила нови правила, кои ги обврзуваат учениците да носат маски во училиштата во регионот на Валонија и Фландрија, како дел од мерките против коронавирусот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Учениците од петто и шесто одделение во основните училишта во Фландрија, како и учениците од средните училишта во Валонија, мора да носат маски во текот на наставата од денес откако регионалните власти ги воведоа новите правила во октомври со цел спречување на ширењето на вирусот.
Владата на регионот Фландрија одлучи на 27 октомври да направи маските да бидат задолжителни за последните две одделенија од основното училиште откако имаше брз раст на случаите.
Учениците во средните училишта во Фландрија сè уште можат да присуствуваат на часовите без да ги покриваат носот и устата поради високата стапка на вакцинација на возрасната група од 12 до 18 години во тој регион.
Учениците во средните училишта во Валонија мора да носат маски во текот на часовите, а учениците од основните училишта можат да седат во училницата без маски.
Маските веќе станаа задолжителни за учениците во средните училишта во француското говорно подрачје во Брисел.
Прописите против пандемијата во земјата се разликуваат бидејќи образованието е регионална надлежност во сојузната држава Белгија.
Белгија има значаен пораст на случаите на Ковид-19 од почетокот на октомври.
Минатата недела, на 7.200 луѓе во просек им е дијагностициран вирусот на дневно ниво, што е 10 проценти повеќе од неделата претходно, додека бројот на хоспитализирани на дневно ниво порасна за 24 проценти.