Hakan Çopur
19 Март 2020•Ажурирај: 20 Март 2020
ВАШИНГТОН - Во Соединетите Американски Држави (САД) детектирани се 9.345 случаи на новиот тип коронавирус, Ковид-19, а бројот на починати се искачи на 150 лица, јавува Агенција Анадолија (АА).
Универзитетот „Џонс Хопкинс“ ги следи податоците поврзани со епидемијата на новиот тип коронавирус во САД, секојдневно ажурирајќи го бројот на регистрирани случаи на заразени од овој вирус и бројката на починати.
Според последното синоќешно ажурирање, на целата територија на САД, од последици предизвикани од вирусот Ковид-19 починале 150 лица, а бројот на откриени лица заразени од овој вирус се искачи на 9.345 случаи.
Тоа значи дека во последните 24 часа починале 42 лица, а детектирани се околу 3.000 нови случаи на заразени.
Најголем број на починати во САД има во сојузната држава Вашингтон, каде што вирусот Ковид-19 за првпат е детектиран на територијата на САД. Следува Њујорк со 20 починати и Калифорнија со 16.
Откако во понеделникот низ целата територија на САД се поделија многу повеќе тестови за Ковид-19, забележано е дека во раст е и бројот на детектирани случаи на заразени.
Американскиот претседател, Доналд Трамп, потпиша указ кој предвидува регулативи како што се бесплатно спроведување на тестирање на новиот тип на коронавирусот, платено боледување, доделување помош во храна на оние на кои таа им е потребна, проширување на осугурувањето на невработените, зголемување на медицинската помош на сојузните држави. Се очекува овој указ буџетот на САД да го чини околу 104 милијарди долари.
Од друга страна, се дознава дека еден конгресмен од демократите од сојузната држава Флорида и еден републикански конгресмен од Јута се позитивни на тестот на Ковид-19.