Dilara Hamit,Burak Dağ
05 Март 2020•Ажурирај: 06 Март 2020
ПЕКИНГ (АА) - Бројот на починати како последица на зараза со коронавирусот во Кина се зголеми на 3.014 лица, јавува Агенција Анадолија (АА).
Националната здравствена комисија на Кина денес соопшти дека во последните 24 часа починале уште 31 лице, додека 139 нови случаи се потврдени од страна на властите, при што вкупниот број на потврдени случаи на зараза со коронавирус изнесува 80.270.
Смртните случаи се потврдени во епицентарот на епидемијата, покраината Хубеи.
Најмалку 32.870 лица во моментот се подложени на медицинска нега, додека бројот на отпуштени пациенти изнесува 52.045.
Најавено е дека 16 импровизирани болници основани во провинцијата Хубеи поради недоволен капацитет ќе бидат постепено затворени.
Бројката на починати лица во Австралија се искачи на две, откако починаа 95-годишна жена во Нов Јужен Велс и 78-годишен маж во градот Перт.
Последните податоци покажуваат дека вкупниот број на случаи со зараза со Ковид-19 се зголемил на 51, при што 22 случаи се потврдени во Нов Јужен Велс.
Република Конго исто така објави дека ќе ги стави под карантин сите патници од Франција, Италија, Кина, Јужна Кореја и Иран, како дел од борбата против коронавирусот.
Околу 15 италијански туристи, кои не се согласија да останат во карантин во Мавританија, се вратија во својата земја.
Локалните медиуми објавија дека властите во Мавританија соопштиле дека италијанските туристи кои доаѓаат во главниот град Нуакшот ќе бидат ставени во карантин две недели, во рамките на мерките за претпазливост што важат од февруари.
Во Алжир, исто така, се потврдени 17 нови случаи на коронавирус.
Коронавирусот, официјално познат како Ковид-19, се рашири во повеќе од 30 други земји, вклучувајќи ги и САД, Велика Британија, Сингапур, Франција, Русија, Шпанија и Индија.
Светската здравствена организација (СЗО) го зголеми глобалниот степен на ризик од коронавирусот (Ковид-19) од „висок“ на „многу висок“.