Erdoğan Çağatay Zontur
07 Септември 2020•Ажурирај: 08 Септември 2020
АНКАРА
Како последица на новиот тип коронавирус (Ковид-19), во последните 24 часа во Бразил починаа 447 лица, а во Мексико 232, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во Бразил, бројот на починати од последиците на вирусот се искачи на 126.650, додека бројот на случаи на заразување надмина 4,13 милиони со 14.521 нов потврден случај.
Според Министерството за здравство на Бразил, над 3,31 милион луѓе досега оздравеле во таа латиноамериканска земја.
Со популација од над 211 милиони, Бразил се смета за епицентар на епидемијата на Ковид-19 во регионот.
Додека Владата е обвинувана дека не презела доволно мерки за да го спречи ширењето на вирусот, потпретседателот Хамилтон Мурао, бранејќи ја Владата, вината ја стави на недостигот на дисциплина кај Бразилците со непочитување на мерките за физичко дистанцирање.
Сао Пауло, каде што живеат 46 милиони луѓе, е најпогодениот регион во земјата.
- Мексико
Од Министерството за здравство на Мексико се вели дека во текот на изминатиот ден од последиците на вирусот починале 232 лица, со што бројот на починати се искачи на 67.558 лица.
Бројот на заразени во земјата се искачи на 634.023, при што во последните 24 часа се регистрирани 4.614 позитивни тестови.
Досега 442.268 лица се оздравени.
Првиот случај на коронавирусот во Мексико е регистриран на 28 февруари, а првиот смртен случај на 19 март.
Вирусот одзеде речиси 883.000 животи во 188 земји и региони од неговото појавување во Кина во декември.
САД, Индија и Бразил во моментот се најтешко погодени земји од пандемијата на коронавирусот.
„Во светот се пријавени над 27,1 милион случаи на заразување со Ковид-19, а бројот на оздравени надмина 18,1 милион“, покажуваат податоците што ги објави американскиот Универзитет „Џонс Хопкинс“.