Ayhan Şimşek
25 Март 2021•Ажурирај: 26 Март 2021
БЕРЛИН (АА) - Во Германија денеска е регистриран најголемиот број случаи на коронавирусот од средината на јануари, што ги загрозува плановите на Владата да ги олесни мерките за ограничување, јавува Агенција Анадолија (АА).
Институтот „Роберт Кох“ потврди дека има 22.657 новозаразени со вирусот во изминатите 24 часа, што е пораст во однос на 15.813 регистрирани во средата. Пријавени се уште 228 смртни случаи.
Денешните бројки покажуваат најголем пораст на дневно ниво од 14 јануари кога беа регистрирани 22.957 лица позитивни на вирусот.
Варијантата на коронавирусот која прво беше забележана во Велика Британија, стана подоминантна варијанта во Германија овој месец, бидејќи сочинува повеќе од 72 отсто од новите случаи.
Додека земјата се бори со третиот бран на вирусот, бројот на хоспитализирани и пациенти на интензивна нега е во пораст во изминатите недели.
Моментално на одделенијата за интензивна нега се наоѓаат 3.209 тешко болни пациенти од Ковид-19, меѓу кои 1.734 се на респиратори.
Германија ја има петтата најголема стапка на заразеност со коронавирусот во Европа, по Франција, Шпанија, Велика Британија и Италија.
Досега во земјата се регистрирани повеќе од 2,7 милиони случаи на вирусот и најмалку 75.440 смртни случаи.