Ekipa
25 Март 2021•Ажурирај: 26 Март 2021
КОКС БАЗАР (АА) - Токму како и во 2017 година кога муслиманите Рохинџа беа протерани од Мјанмар во Бангладеш, Република Турција е повторно меѓу првите земји кои пристигнаа во помош на тоа загрозено малцинство кое неодамна го погоди ужасниот пожар во бегалскиот камп во Кокс Базар, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Турската Влада одлучи да пружи сеопфатна итна помош на бегалците Рохинџа погодени од неодамнешниот пожар во кампот“, изјави за АА, Мустафа Осман Туран, турскиот амбасадор во Бангладеш.
Амбасадорот Туран по упатство на министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, го посети подрачјето на кампот кој во голема мера е уништен во пожарот, вклучувајќи ја и мобилната болница и станбените единици кои во тој комплекс претходно ги изгради Агенцијата за вонредни состојби на Турција (АФАД).
Најсмртоносниот пожар кој избувна во понеделникот, разори илјадници импровизирани шатори во кампот. Од Обединетите нации денеска соопштија дека во пожарот загинале најмалку 15 лица, а дека како исчезнати се водат уште повеќе од 400 лица. Повредени се повеќе од 550 лица.
„Во еден од најужасните пожари во Бангладеш се раселени повеќе од 45.000 бегалци Рохинџа, бидејќи огнот уништи или во голема мера оштети околу 10.000 шатори во кампот“, се наведува во соопштението.
Турскиот амбасадор Туран изјави дека пожарот во потполност ја уништил сета медицинска опрема и инфраструктура на мобилната болница.
„Среќни сме што во болницата никој не е повреден. Турската Влада ќе ја обнови таа болница, како и 1.337 засолништа на АФАД“, изјави Туран кој се состана со десетмина лекари и 20 медицински лица во Кокс Базар.
Амбасадорот Туран исто така ја посети и големата народна кујна која за потребите на бегалците Рохинџа во Кокс Базар ја изгради Турската агенција за меѓународна соработка и координација (ТИКА).
ТИКА во соработка со Светската програма за храна (WFP) во таа кујна ќе подготвува храна и на бегалците дневно во два наврати ќе подели по 25.000 топли оброци.
Турската хуманитарна организација ИХХ веќе дели топли оброци на илјадници бегалци Рохинџа во Кокс Базар.
Помош на Рохинџите пружаат уште неколку турски организации, вклучувајќи ја и турската Фондација „Дијанет“, која веднаш по пожарот ја обнови џамијата и системот за снабдување со питка вода во кампот, а подели и пакети хуманитарна помош со храна, облека и хигиенски материјали за деца.
Слични хуманитарни пакети подготви и турската Црвена полумесечина за околу 50.000 бегалци Рохинџа.
Турскиот амбасадор Туран за време на дводневната посета во Кокс Базар ќе се состане и со официјалните претставници на Бангладеш и ќе разговара за видовите помош кои Турција и нејзините организации можат додатно да ја пружат на бегалците Рохинџа во тој регион.