Ekipa
17 Август 2020•Ажурирај: 18 Август 2020
БРИСЕЛ (АА) - Европските лидери во среда ќе одржат вонреден состанок за да дискутираат за последните случувања во Белорусија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Конференцијата беше свикана денес од претседателот на Европскиот совет, Шарлс Мишел.
„Жителите на Белорусија имаат право да одлучат за нивната иднина и слободно да го изберат својот лидер“, напиша Мишел на социјалните медиуми.
„Насилството против демонстрантите е неприфатливо и не може да се дозволи“, додаде тој.
Состанокот на шефовите на државите и владите ќе се одржи преку видео-линк.
Министрите за надворешни работи на Европската Унија (ЕУ) во петокот се согласија да ги преземат првите чекори за подготовка на листата на санкции на кои се наоѓаат поединци вклучени во кршењето на човековите права и фалсификувањето на изборните резултати во Белорусија.
Шефот за надворешна политика на ЕУ, Џозеп Борел, исто така нагласи дека Блокот ги отфрла резултатите од претседателските избори.
Протестите против резултатите од изборите во Белорусија продолжија и вчера.
На осмиот ден од протестите, десетици илјади луѓе излегоа на улиците во главниот град Минск извикувајќи пароли против претседателот Александар Лукашенко, и носејќи црвени и бели знамиња што Белорусија ги користеше пред 1995 година.
ЕУ постојано апелираше до властите на Белорусија да го запрат насилството против демонстрантите кои мирно протестираат.
Најмалку двајца белоруски државјани загинаа во протестите. Според Високиот комесар за човекови права при ОН, Мишел Бачелет, приведени се 6.000 лица.
Централната изборна комисија на Белорусија ги објави конечните резултати во петокот, според кои актуелниот претседател Лукашенко победил на изборите со 80,1 отсто од гласовите, додека лидерката на опозицијата, Светлана Тихановскаја, се најде на второто место со освоени 10,12 отсто од гласовите.