Barış Seçkin
12 Ноември 2020•Ажурирај: 13 Ноември 2020
РИМ
Зголемувањето на бројката на заразени во Италија во текот на вториот бран на пандемијата на коронавирусот (Ковид-19) во многу тешка состојба ги доведува болниците во некои делови на земјата, известува Агенција Анадолија (АА).
Според наводите на италијанските медиуми, во болниците во регионот Кампанија, започнале да се појавуваат драматични сцени поради брзото ширење на заразата и сѐ поголемиот број на заразени.
Неодамна во медиумите се појави снимка на пациент заразен со коронавирус кој починал во тоалетот на болницата Кардарели во Неапол, на која можат да се видат и заразени пациенти кои се сместени без почитување на социјалната дистанца.
Весникот „Il Messaggero“ објави дека Министерот за здравство Роберто Сперанца испратил инспектори во споменатата болница по објавувањето на снимката.
Во веста се информира дека пациентите од регионот Кампанија поради недоволниот капацитет се испратени во болниците на регионот Лацио, додека италијанската војска поставила шатори околу стадионот на фудбалскиот клуб Јувентус во Торино за прием на пациенти заразени со Ковид-19.
Претходно во медиумите се појавија информации дека заразените пациенти поради пополнетите капацитети на болниците се сместуваат во цркви.
Италијанската влада во текот на вториот бран воведе регионални мерки, додека здружението на лекари поради алармантната состојба во здравствениот систем бара целосно затворање.
По вчерашниот ден во кој беа регистрирани 32.961 нови случаи на зараза, во Италија вкупниот број на лица кај кои е детектиран коронавирусот надмина 1 милион.