ПЕКИНГ (АА) - Мерките на карантин поради зголемените случаи со Ковид-19 во Шангај, најголемиот град во Кина и еден од најважните финансиски и трговски центри во Азија, ја попречуваат логистиката и синџирот на снабдување, кои се од големо значење и за светската и за кинеската економија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ненадејното зголемување на случаите со ширењето на варијантата Омикрон во Шангај од средината на март ги стави во недоумица локалните власти во однос на контролирањето на епидемијата и снабдувањето со основни потреби на градот со популација поголема од 26 милиони жители.
Постепеното затворање најавено на 28 март поради случаите предизвикани од варијантата Омикрон беше продолжено на неодредено време во целиот град бидејќи случаите не се намалија.
Продолжувањето на мерките на полициски час предизвикаа потешкотии во дистрибуцијата на храна, лекови и потреби во обезбедувањето услуги за нега.
Жителите на Шангај, кои не можат да ги напуштат нивните домови, купуваат онлајн, додека добавувачите не можат да ги задоволат барањата поради недостиг на курири и други логистички проблеми.
Иако кинеските платформи за купување онлајн како што се „Alibaba Group“, „JD.com“ и „Meituan“ се обидуваат да ги снабдат магацините во Шангај и да го зголемат бројот на персонал и курири, не можат да работат во полн капацитет поради мерките за коронавирусот.
Затворањето на важниот трговски, производствен и логистички центар во светот со недели, негативно влијае на синџирите на снабдување во многу сектори во земјата и во странство.
- Прекини во производството -
Фабриките во градот, во кои има големи производствени капацитети во полето на автомобилизмот, полуспроводници и електроника мораа да го паузираат нивното производство поради мерките за затворање.
Американскиот производител на автомобили „Тесла“ и најголемиот кинески произведувач на чипови СМИК (Semiconductor Manufacturing International Corporation SMIC) го стопираа производството.
Фабриките беа во можност да ја продолжат нивната работа откако властите во Шангај им дозволија да прифатат 666 компании на „белата листа“, вклучително „Тесла“ и СМИК, со цел да го продолжат производството во производствениот сектор погоден од мерките на затворање.
Властите им дозволија да продолжат со нивните активности во затворен круг.
- Логистички ќор-сокак -
Строгите мерки на карантинот го попречуваат патниот транспорт, што го сочинува најголемиот дел од логистичката индустрија во Кина.
Затворените меѓуградски автопати поради пандемијата во Шангај и другите градови во голема мера го намалуваат количеството товар кој се транспортира по копно во земјата, додека транспортните трошоци се зголемени поради продолженото време на испорака.
Многу градови и влади бараат од возачите на камиони кои влегуваат во нивните области да поднесат негативен тест, што предизвикува долги редици од камиони на градските и државните влезови и излези.
Индексот на товарен проток на патни возила, кој го покажува обемот на сообраќајот на камиони на патиштата, се намали за 22,4 проценти во првата недела од април споредбено со истиот период претходната година.
Обемот на транспортот е намален за 69,7 во Шангај кој е под карантин и за 86,7 проценти во покраината Ѓилин.
- Тесно грло на пристаништето во Шангај -
Прекинот на сообраќајот на камиони, исто така, предизвика тесно грло на пристаништето во Шангај, каде што повеќе од 50 проценти од контејнерскиот сообраќај се транспортира по копно.
Иако пристаништето, кое е клучна точка на трансфер по копнена, поморска и воздушна логистика, продолжува со своите активности, и покрај мерките за заштита, многу бродови чекаат на пристаништето за да го истоварат својот товар поради отсуство на возила.
Стопанската комора на Европската Унија во Кина објави дека се проценува дека товарниот сообраќај на пристаништето во Шангај е намален за 40 проценти во споредба со нормалните услови.
Според податоците од страницата за следење на летови „Варифлајт“, 98 проценти од планираните летови до аеродромите во Шангај, „Хонгкиао“ и „Пудонг“ од 6 до 12 април биле откажани.
- Глобалните синџири на снабдување имаат негативно влијание -
Сиве овие случувања негативно влијаат на домашните и глобалните синџири на снабдување.
Според прегледот на Стопанската комора на Европската Унија во Кина, 30 проценти од европските фирми биле негативно погодени.
Во истражувањето одобрено од американската Стопанска комора во Кина, утврдено е дека 57,3 проценти од фирмите биле негативно погодени од проблемите.
Ју Кингдонг, шеф на Одделот за потрошувачка електроника и автомобили на кинескиот технолошки гигант „Хуавеи“, рече: „Ако Шангај не може да продолжи со производство до мај, сите технолошки и индустриски компании чии синџири на снабдување зависат од градот, особено автомобилската индустрија, ќе дојдат до застој.“
- Влијание врз економијата -
Според извештајот подготвен од економистот Сонг Чинг од Универзитетот во Хонгконг, се проценува дека приходот на градот ќе се намали за 61 процент, а вкупниот национален доход ќе се намали за 8,6 проценти поради логистичките проблеми предизвикани од едномесечното затворање.
Според податоците од првиот квартал од Националното биро за статистика, продажбата на мало се намали за 3,5 проценти во март.
Додека бруто-домашниот производ за зголеми за 4,8 проценти, во периодот на јануари, февруари и март споредбено со истиот период претходната година, тој остана под целната годишна стапка на раст од 5,5 проценти.
Се проценува дека забележливото влијание врз економијата поради затворањето на Шангај ќе биде видливо во вториот квартал од годината, кој ги покрива месеците април, мај и јуни.