Ekip
22 Април 2022•Ажурирај: 23 Април 2022
РИМ (АА) - Русија покажа јасна подготвеност да ја ескалира војната во Украина и ќе ги зголеми непријателствата во следните неколку недели, изјави францускиот претседател Емануел Макрон во денешното интервју, јавува Агенција Анадолија (АА).
Говорејќи за италијанскиот весник „Кориере дела сера“ (Corriere della Sera) пред вториот круг од претседателските избори во Франција в недела, Макрон рече дека очекува војната да се влоши во пресрет на 9 мај, симболичен датум познат како Ден на победата во Русија.
„Во пресрет на 9 мај, Русија ќе ги интензивира нападите врз источна Украина и ќе мора да донесеме одлуки“, рече Макрон, мислејќи на можноста за дополнителни санкции на ЕУ кон Русија, но додаде дека „сѐ уште не е време“ за ембарго на руската нафта и гас.
Според францускиот лидер, „имајќи ги предвид воените злосторства кои сега се потврдени, изборот што го направи Русија, начинот на кој ја водеше војната во Донбас и Мариупол, имајќи ја предвид провокацијата на нуклеарното [оружје] и тестовите извршени во средата, очигледно постои намера за ескалација од страна на Русија“.
Макрон, проевропски центрист, моментално води во анкетите на јавното мислење во Франција.
Во интервјуто, тој тврдеше дека победата на неговата тврдо десничарска ривалка Марин Ле Пен ќе значи „крај на Европската Унија и крај на француско-германската оска“, поради нејзините евроскептични и проруски ставови. „Мислам дека треба да ги нарекуваме работите по нивното име“, рече тој.