Muhammed Emin Canik
25 Март 2021•Ажурирај: 25 Март 2021
БУЕНОС АИРЕС (АА) - Бразил е втора земја во светот која е најмногу погодена од пандемијата на новиот тип коронавирус (Ковид-19) со над 300.000 смртни случаи предизвикани од заразувањето со овој вирус, јавува Агенција Анадолија (АА).
Според податоците објавени од Министерството за здравство на Бразил, во последното деноноќие во Бразил починале 2.009 лица заразени со Ковид-19, со што вкупната бројка на лица што починаа од коронавирусот се зголеми на 300.685.
Бројката на лица кај кои во последните 24 часа е детектиран Ковид-19 изнесува 89.992, така што вкупниот број позитивни на коронавирусот се искачи на 12.220.011.
По Соединетите Американски Држави (САД), Бразил е втора земја во светот според бројката на лица позитивни на коронавирусот и според бројот на починати.
Само во периодот од 8 јануари досега, во Бразил поради заразување со Ковид-19 животот го загубија 100.000 лица, додека бројката на заразени од 7,1 милион се зголеми на 12,2 милиони.
Бразил минува низ тежок период бидејќи во последните денови исполнети се капацитетите на одделенијата за интензивна нега. Се смета дека причина за тоа е појавата на варијантата П1 на коронавирусот во бразилската сојузна држава Амазон, која се шири поинтензивно.
Во оваа земја досега оздравеа 10.689.646 лица претходно позитивни на Ковид-19.
Во последната недела во Бразил, која е земја со популација од 210 милиони жители, смртноста од последиците на заразувањето со Ковид-19 на дневно ниво во просек изнесуваше 2.300, а просекот на бројот на заразени изнесуваше 75.000.