Beyza Binnur Dönmez
23 Март 2020•Ажурирај: 24 Март 2020
АНКАРА
Бројот на починати од новиот тип коронавирус, Ковид-19, надмина 15.000, покажуваат податоците на Универзитетот „Џонс Хопкинс“ во Соединетите Американски Држави (САД), пренесува Агенција Анадолија (АА).
Вирусот што првпат се појави во Вухан, Кина, минатиот декември, се рашири во најмалку 167 земји и региони во светот, додека вкупно 16.349 луѓе починаа, а статистиката на потврдени случаи со вирусот надмина 374.490.
Досега од вирусот Ковид-19 на глобално ниво излекувани се над 101.520 лица.
Италија, Кина, Шпанија и Иран и понатаму се најпогодените земји од вирусот.
И покрај тоа што Кина има најмногу потврдени случаи, скоро 81.500, Италија има најмногу смртни случаи од коронавирусот - 5.476 починати и над 59.100 потврдени случаи на вирусот. Кина следува по Италија со 3.153 смртни случаи.
Во Шпанија починаа над 1.800 луѓе, додека моменталниот број на починати во Иран изнесува речиси 1.700. Потврдени случаи на коронавирус во Шпанија има близу 30.000, додека во Иран близу 22.000.
Државите ги ограничија летовите од најпогодените места и ги затворија своите граници откако Светската здравствена организација (СЗО) прогласи пандемија, а Европа ја прогласи за нов епицентар на вирусот.
Бројките поврзани со Ковид-19 што ги дава американскиот Универзитет „Џонс Хопкинс“ далеку ги надминуваат официјалните податоци на Американските центри за контрола и превенција на болести (CDC), кои се ажурираат на дневна база, но само за случаи пријавени до 16:00 часот по локално време (2000GMT) претходниот ден.