Elena Teslova
24 Јуни 2020•Ажурирај: 25 Јуни 2020
МОСКВА
Во Русија во изминатите 24 часа со Ковид-19 се заразени 7.176 лица, со што вкупниот број на случаи е зголемен на 606.881, јавува Агенција Анадолија (АА).
Центарот за контрола и превенција од Ковид-19 на Русија соопшти дека во истиот период од последиците на вирусот починале уште 154 лица и дека вкупниот број на починати е зголемен на 8.513.
Излекувани сѐ уште 12.393 лица кај кои претходно е дијагностициран Ковид-19, со што вкупниот број на излекувани е зголемен на 368.822.
Неколку руски региони, вклучувајќи го и автономниот округ Ненец, повеќе од една недела немаат нови случаи на заразување.
Во обраќањето на нацијата, вчера, рускиот претседател Владимир Путин рече дека земјата постигнала значителен напредок во борбата против вирусот и достигнала пресвртница.
Сепак, тој ги предупреди граѓаните да останат „фокусирани, внимателни и претпазливи, особено додека не започне масовното производство на ефикасен превентивен лек“.
Путин истакна дека Русија го користи тестирањето како една од превентивните мерки, тврдејќи дека неговата земја спроведува повеќе тестови на 1.000 пациенти во однос на другите држави во светот.
„Вкупниот број на тестирања е повеќе од 17 милиони. Толку голем број тестови помагаат да се идентификува болеста во раните фази, дури и ако нема симптоми, што значи разбивање на ланците на заразата и спречување на нејзиното ширење, а сето тоа ги спасува животите на нашите граѓани“, изјави Путин.
Тој истакна дека во моментов 14 руски федерални истражувачки центри работат на развој на вакцина против коронавирусот, додавајќи дека е многу важно да постои, како што рече, „100% сигурност“ дека вакцината е ефикасна, сигурна и безбедна за луѓе од сите возрасти и во која било здравствена состојба.
Во Русија, првиот случај на заразување со коронавирусот е регистриран на 31 јануари, а првиот смртен случај на 19 март. Воведени се мерки за борба против ширењето на коронавирусот во областите каде што се пријавени помалку случаи на заразување. Мерката за задолжително носење маски во затворени простории и на места со голем број луѓе е сè уште во сила.