Ekip
29 Октомври 2021•Ажурирај: 01 Ноември 2021
ЖЕНЕВА
Светската здравствена организација (СЗО) за Европа, денеска ги повика училиштата да останат отворени, со соодветни мерки, откако регионот објави растечко пренесување на Ковид-19 во четири последователни недели, јавува Агенција Анадолија (АА).
СЗО рече дека во регионот на Европа, кој се протега од Гренланд на северозапад до рускиот далечен исток, во третата недела од октомври се евидентира 57 проценти од новите случаи со коронавирус во светот.
„Распространетото затворање на училиштата минатата година, попречувајќи ја едукацијата на милиони деца и адолесценти, направи повеќе штета отколку добро, особено на менталната и социјалната благосостојба на децата. Не смееме да ги повториме истите грешки“, рече д-р Ханс Клуге, регионалниот директор на СЗО за Европа.
Минатата недела, со приближувањето на зимата, повеќе од половина од 53-те држави на Европскиот Регион објавија значително зголемување на случаи на Ковид-19 од сите возрасни групи.
Додека новите случаи се зголемија за 18 проценти во регионот, на СЗО пет други региони ѝ пријавија пад.
Вкупно 45 земји и територии предложија училиштата да останат отворени за следење настава со присуство, со превенција и контрола на инфекцијата.
Седум земји се одлучија за целосно или повремено затворање на училиштата, независно дали е на национално или супнационално ниво, додека две предложија примена на физичко растојание.
- Последна затворена, прва отворена
СЗО за Европа рече дека ако и кога ограничувањата се наметнуваат со цел намалување и контрола на заразата, училиштата треба да бидат последните места кои ќе ги затворат вратите и први кои ќе ги отворат.
„За да се намали влијанието на Ковид-19 во следните месеци, од витално значење е одлуките на Владата и на граѓаните исто така да бидат базирани на податоци и докази, со разбирање дека епидемиолошката ситуација може да се смени и дека нашето однесување мора да се смени заедно со неа“, рече Клуге.
„Науката мора да ја надмине политиката, долгорочните интереси на децата мора да останат приоритет, особено сега кога некои држави бележат раст во пренесувањето. Имаме поефикасни алатки за да го решиме овој раст отколку да затвораме училишта.“
СЗО за Европа ја цитира Џули Грин, одговорната учителка која работи со деца на возраст од 4 до 11 години во Ланкшир, Англија, која го поддржа ставот на Клуге.
„Враќањето во училиштата со следење на настава со физичко присуство беше една сигурност за многу деца во едно неизвесно време“, рече Грин.
„Како учител и како мајка, јас верувам дека децата најдобро учат во училница.“
Таа рече дека пандемијата не е завршена и дека мерките кои ги држат децата и учителите што е можно побезбедно од вирусот, мораат да останат, но училиштата треба да останат отворени за добробитта од учењето и целокупниот развој на децата.
СЗО препорачува употреба на вакцината на „Фајзер/БајоНТех“ за деца на возраст од 12 до 17 години. За деца под 12 години, СЗО ќе издаде дополнителни упатства за употребата на вакцината кога ќе се појават нови докази од испитувањата на вакцините.
До денес, 76 милиони случаи на зараза со Ковид-19 од кои 1,4 милиони завршија со смртни последици се пријавени во СЗО за Европскиот Регион.
СЗО соопшти дека во светот се евидентирани околу 245 милиони потврдени случаи на зараза со Ковид-19 и приближно 5 милиони смртни случаи, додека аплицирани се 6,69 милијарди дози на вакцини.