Zehra Nur Düz
29 Октомври 2021•Ажурирај: 30 Октомври 2021
АНКАРА
Европската Унија (ЕУ) денеска го повтори својот повик до Израел да ги запре плановите за проширување на населбите на окупираните палестински територии, предупредувајќи дека сите нови промени на границите од пред 1967 година, за кои не се договорени страните, ќе бидат отфрлени од Блокот, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Населбите се незаконски според меѓународното право и претставуваат голема пречка за постигнување на решението за две држави и праведен, траен и сеопфатен мир меѓу страните“, се вели во соопштението од Кабинетот на шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел.
Нагласувајќи дека ЕУ цврсто го отфрла проширувањето на населбите, во соопштението се вели дека Унијата нема да признае никакви промени на границите од пред 1967 година, вклучително и оние кои се однесуваат на Кудс, за кои не се договорени страните.
Во соопштението се бара израелската Влада да ги отповика неодамнешните чекори, кои се целосно некомпатибилни со тековните напори за намалување на тензиите, и наместо тоа да се фокусира на натамошно значајно повторно ангажирање меѓу конфликтните страни.
„ЕУ ќе продолжи да ја игра својата улога во поддршката на чекорите кон одржлив мир меѓу Израелците и Палестинците“, се додава.
Палестинскиот премиер Мохамед Штаје рече дека тие планови претставуваат агресија на нивните територии.
Сепак, и покрај осудата на Штаје, израелскиот Висок совет за планирање во средата одобри изградба на 3.144 станбени единици на Западниот Брег.
Во окупираниот Источен Кудс има 13 нелегални еврејски населби и 253 во Западниот Брег. Повеќе од 660.000 еврејски доселеници живеат во тие населби, што им го отежнува животот на Палестинците кои живеат под окупација.
Според меѓународното право, Западниот Брег, вклучително и Источен Кудс, се смета за „окупирана територија“, со што сите еврејски населби таму се нелегални.