АНКАРА (АА) - ТЕВФИК ДУРУЛ -
Меѓународните правни експерти сметаат дека администрацијата на Пекинг е одговорна за глобалните штети од новиот вид коронавирус, Ковид-19, кој прерасна во пандемија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Ковид-19, кој се рашири кај милиони луѓе и предизвика смрт кај над 160 илјади луѓе, придонесе за обвинувањата помеѓу многу членови на меѓународната заедница, особено меѓу Кина и Соединетите Американски Држави (САД).
Кина е во фокусот на обвиненијата дека на почетокот не била транспарентна, а информациите со Светската здравствена организација (СЗО) ги споделила доцна и нецелосно. Исто така Кина е цел на закани со санкции и барања за отштета од голем број земји.
Наспроти овие дискурси во меѓународната јавност, администрацијата во Пекинг, повикувајќи прашањето да не се политизира, истакнува дека од самиот почеток на процесот, СЗО, другите земји и меѓународните организации се информирани транспарентно и брзо.
За дописникот на АА, експертите се осврнаа на прашањата за тоа какви импликации ќе има во меѓународната заедница и врз СЗО доцнењето на информациите од Кина
- „Може да биде започната постапка во Меѓународниот суд на правдата“ -
Д-р Форт Фу-Те Лиао, предавач на правниот оддел на „Академијата Синика“ (Academia Sinica) со седиште во Тајван, истакна дека Кина, иако имала доволно докази, навреме не ја информирала СЗО за невообичаената епидемија што може да го загрози меѓународното јавно здравје.
Лиао истакна дека ваквиот став на Кина може да се смета за прекршување на релевантните членови на Меѓународната здравствена регулатива.
„Според член 75 од Уставот на СЗО, доколку има какво било несогласување во толкувањето и примената на Уставот и не може да се реши со меѓусебно преговарање во Здравственото собрание, предметот ќе биде упатен до Меѓународниот суд на правдата (UAD). Тоа значи дека земјите може да побараат отштета од Кина. Накратко, постојат четири различни опции: преговори, Здравствено собрание, Меѓународниот суд на правдата (UAD) или друго решение“, нагласи професор Лиао.
- „Кина е одговорна за штетите врз другите земји“ -
Професорот на Универзитетот во Чикаго, д-р Том Гинсбург, вели: „Во контекст на меѓународното право, Кина е одговорна за штетите нанесени врз други земји, без оглед на дејствијата или пропустите.“
Гинсбург, нагласувајќи дека главниот проблем е како да се добие отштета од Кина и дали администрацијата во Пекинг може да биде осудена, рече:
„Точно е дека Кина ги потиснувала информациите за епидемијата и доцна ја информирала СЗО, но според Договорот на СЗО, една земја треба директно да ги пријавува информациите во СЗО, а не во другите земји. Затоа, не е јасно која земја може да ги бара правата во Меѓународниот суд.“
Гинсбург, посочувајќи дека меѓу опциите што можат да се применат во овој момент се билатералните и мултилатералните економски санкции, нагласи: „Затоа една држава може да воведе санкции кон Кина, но тие санкции треба да бидат во согласност со Договорот со СЗО. Ако се основаат на здравствената загриженост, веројатно се валидни, но ако се казни за погрешните постапки на Кина не се валидни.“
Доц. д-р Ших Минг Као, од Националниот океански универзитет во Тајван, истакна дека малку е веројатно државите погодени од Ковид-19 во целиот свет да бараат санкции за Кина во согласност со меѓународните закони или СЗО.
Истакнувајќи дека меѓународните закони се слаби во споредба со внатрешните закони на државите, Као рече: „Затоа, многу е тешко да се префрли кој било случај во Меѓународниот суд на правдата, доколку Кина одбие да го прифати.“
- „Кина може да го игнорира“ -
Доц. д-р Ших Минг Као истакна дека Кина може да игнорира дури и ако судот донесе конечна одлука против администрацијата на Пекинг.
Посочувајќи на досието за Јужното Кинеско Море, каде што Филипините ја тужеа Кина во Меѓународниот суд на правдата, Као нагласи дека Филипините го добиле случајот во кој побарале права на 90 отсто од спорните води, но сепак Кина не ја признала таа одлука на судот.
Истакнувајќи дека СЗО нема никакви задолжителни обврски да спроведува санкции кон некоја земја членка, Као нагласи: „Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН) може да биде потенцијална платформа, но Кина е постојана членка во Советот, со право на вето. Затоа преку меѓународните заедници како што се ОН и СЗО не е можно да се спроведат санкции врз Кина.“
Нагласувајќи дека овие иницијативи „нема да резултираат со ништо друго, освен со оштетување на угледот на Кина“, Као рече: „Големите земји како САД, Јапонија и Велика Британија и Европската Унија (ЕУ) можат заеднички да спроведат санкции кон Кина. Со тоа може Пекинг да се принуди да им се извини на другите земји и да им го обезбеди потребниот надоместок.“
news_share_descriptionsubscription_contact


