Dildar Baykan
23 Април 2020•Ажурирај: 23 Април 2020
ВАШИНГТОН
Американскиот претседател Доналд Трамп потпиша уредба за запирање на имиграциите во САД на 60 дена, за да се посветат на американските граѓани кои останале без работа во екот на кризата предизвикана од пандемијата на Ковид-19, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението на Белата куќа се наведува дека Трамп во средата потпишал извршна уредба со која привремено ја забранува имиграцијата на мигрантите кои доаѓаат во САД заради вработување, и се додава дека со тоа сака да ги заштити американските работници за време на пандемијата.
Во рамките на одлуката која стапува на сила денеска, странските државјани кои во моментот се наоѓаат надвор од САД и немаат валидна имигрантска виза, нема да бидат прифатени во САД како имигранти.
Освен на лицата кои веќе имаат легален престој во САД, уредбата нема да влијае ниту на лицата кои се во брак со американски државјани и на лицата помлади од 21 година кои живеат сами, а чии родители се американски државјани.
Исто така, со уредбата нема да бидат опфатени ниту лекарите, медицинските сестри или други здравствени работници, ниту нивните сопружници и деца помлади од 21 година, кои поседуваат имигрантска виза и кои помагаат во борбата против Ковид-19.
Уредбата можеби ќе биде дополнително продолжена по 60 дена, со дозвола на американскиот претседател.
Трамп во изјава во Белата куќа потврди дека потпишал уредба, истакнувајќи дека се одлучиле на овој чекор за максимално да се посветат на вработување на граѓаните на САД, кои како последица на пандемијата, останале без работа.