Betül Yürük
23 Април 2020•Ажурирај: 24 Април 2020
ЊУЈОРК
Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш, предупреди дека пандемијата на Ковид-19 забрзано се претвора во криза на човековите права, јавува Агенција Анадолија (АА).
Првиот човек на ОН го претстави извештајот за кршење на човековите права во екот на борбата против пандемијата.
„Пандемијата го отвори патот на економска и социјална криза и забрзано се претвора во криза на човековите права. Да не заборавиме дека заканата е вирусот, а не луѓето“, порача Гутереш.
Истакнувајќи дека човековите права не се тема која може да се остави настрана за време на кризата, Гутереш рече дека човекот мора да биде во центарот на сè.
Тој изјави дека во екот на пандемијата е интензивиран говорот на омраза, дека на удар се нашле незаштитените групи и дека се посегнува по построги безбедносни мерки.
„Интензивирани се популизмот и авторитарното владеење, се намали почитувањето на некои човекови права и под плаштот на пандемијата се воведени репресивни мерки. Владите мораат да бидат транспарентни и чувствителни како никогаш претходно. Цивилното општество и слободата на медиумите се од клучна важност“, изјави Гутереш.
Гутереш исто така изјави дека сите воведени мерки на вонредна состојба треба да бидат умерени, недискриминаторски, да имаат цел и временска рамка.
„Повикуваме во екот на борбата против пандемијата да се заштитат и човековите права“, порача Гутереш.