Şenhan Bolelli
14 Јуни 2020•Ажурирај: 15 Јуни 2020
МАДРИД (АА) - Шпанија, една од најпогодените земји од пандемијата на коронавирусот во светот, ќе ги отвори своите граници за земјите од Шенген зоната на 21 јуни, наместо на 1 јули како што беше претходно планирано, пренесува Агенција Анадолија (AA).
Шпанскиот премиер, Педро Санчез, одржа состанок преку видеоконференциска врска со челниците на 17 автономни заедници во земјата, на кој е разговарано за развојот на настаните во врска со Ковид-19.
Шпанските медиуми известија дека Санчез за време на состанокот изјавил дека на 21 јуни ќе бидат отворени границите за сите земји од Шенгенот, освен за Португалија.
Границата со Португалија ќе биде отворена на 1 јули со церемонија на која се планира да присуствуваат португалскиот претседател Марсело Ребело де Соса, премиерот Антонио Коста, шпанскиот крал Фелипе VI и премиерот Санчез.
Претходно беше соопштено дека само Галиција ќе ја отвори копнената граница со Португалија на 15 јуни.
Од друга страна, Санчез изјави дека на 1 јули ќе ги отвори границите и кон трети земји и ќе се започне со летови, како и дека притоа ќе биде земена предвид епидемиолошката ситуација и принципот на реципроцитет.
Многу земји во Европа најавија дека од 15 јуни ќе ги отворат своите граници кон земјите од Шенгенот и некои трети земји, но шпанската Влада во повеќе наврати соопшти дека границите ќе бидат отворени од 1 јули.
Донесена е и одлука за укинување на 14-дневниот карантин за туристите кои ќе доаѓаат во Шпанија од 21 јуни, кога истекува вонредната состојба воведена поради пандемијата.
Од друга страна, шпанскиот министер за здравство, Салвадор Ила, на видеоконференцијата предупреди дека вирусот сè уште е меѓу луѓето.
„Сè додека не се најде вакцина или соодветна терапија, не можеме да кажеме дека сме го победиле вирусот. До тогаш многу е важна одговорноста на секој поединец и претпазливоста“, рече Ила.
Во Шпанија од почетокот на епидемијата во земјата дијагностицирани се над 243.000 заразени, додека како последица на Ковид-19 досега починаа 27.136 лица.