Aydoğan Kalabalık
16 Ноември 2017•Ажурирај: 17 Ноември 2017
КАИРО (АА) - Во рамките на активностите по повод 115-годишнината од отворањето на Египетскиот музеј, кој се наоѓа на плоштадот Тахрир во главниот град на земјата, Каиро, за првпат е изложена златна колекција на фараонот Тутанкамон, кој владеел во Египет, меѓу 1334 и 1325 година пред нашата ера, јавува Anadolu (AA).
На отворањето на изложбата присуствуваа египетскиот министер за историски артефакти, Халид ел-Анани, египетски функционери, туристи, како и странски дипломати.

Министерот Анани во изјава за медиумите нагласи дека делата во оваа колекција се собрани како резултат на тригодишната чувствителна работа на египетските и германските експерти, која започна во 2014 година.
Анани истакна дека оваа колекција е откриена во 1922 година, а откриеното богатство се состои од илјада мали парчиња злато.
Египетскиот министер посочи дека откако овие парчиња се составени заедно, биле добиени 85 различни фигури/предмети, од кои 55 се изложени во музејот.

Изложбата именувана како „Претходно невиденото богатство на Тутанкамон“, во чии рамки се изложени оружја, штитови, како и други лични предмети на Тутанкамон, ќе биде отворена за посетителите во период од 45 дена.
Египетскиот музеј е отворен во 1902 година, во времето на Хидив Абас Хилми Втори. Делата во овој музеј ќе бидат пренесени во Големиот музеј во близина на пирамидите Гиза, чија изградба е во тек, а се очекува да биде отворен во 2018 година.